ШТО КРИЕ МАКЕДОНСКАТА ЗЕМЈА Владата со голем план за рударството до 2046 година
Злато, бакар, никел и други минерални суровини се во фокусот на новата стратегија, која треба да привлече инвестиции, да отвори работни места и да поттикне домашно производство.

Владата ја усвои Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година. Документот предвидува современи геолошки истражувања, одговорно управување со минералното богатство и создавање услови за долгорочни инвестиции, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Целта е геолошкиот потенцијал на Македонија да се претвори во нови инвестиции, индустриски развој, работни места и поголема додадена вредност за домашната економија. Според Министерството, Македонија располага со разновидни минерални ресурси, меѓу кои олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник.
Еден од главните приоритети на Стратегијата е поголем дел од економската вредност од овие ресурси да се создава во земјата, преку посилно поврзување на рударството со домашното производство и развој на преработувачки и други индустриски капацитети.
„Подобрените геолошки истражувања ќе овозможат попрецизно утврдување на потенцијалот и навремено планирање на идните инвестиции. Со тоа се отвора простор за нови деловни активности и зајакнување на домашните производствени капацитети“, наведуваат од Министерството.
Покрај економските цели, Стратегијата предвидува и повисоки стандарди за заштита на животната средина, поголема транспарентност и заштита на јавниот интерес.
„Со овој документ се создава основа минералното богатство да не биде само предмет на експлоатација, туку и двигател на домашната дуинстрија, инвестициите и долгорочниот економски развој, со одговорно управување и зачувување на животната средина“, информираат од Министерството.
Документот е усогласен со европските политики, вклучително и со Европскиот акт за критични суровини, што, според Министерството, отвора можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири.
Документот е изработен во рамките на стручната соработка меѓу Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со учество на експерти и консултации со релевантни институции и претставници на стручната јавност.
Со усвојувањето на Стратегијата се воспоставува долгорочна рамка за развој на геолошките истражувања и рударството до 2046 година.

