БОЖИНОВСКА СО ПОРАКА ПРЕД ЗИМАТА Ќе направиме сѐ да нема ценовни шокови
Владата работи на обезбедување стабилно снабдување со струја, а се анализира и можноста за продолжување на евтината тарифа.

Владата ќе направи сѐ за да ги спречи ценовните шокови и да обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните во претстојната зимска сезона, уверува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Во интервју за МИА, Божиновска истакнува дека, и покрај глобалните предизвици и неизвесности, државата ќе ги насочи напорите кон одржување на стабилно производство на електрична енергија и заштита на граѓаните од евентуални поскапувања.
Министерката, која учествуваше на Вториот министерски самит за енергетика во Белград, заедно со колегите од Грција, Бугарија и Србија, нагласува дека регионалната соработка е клучна за поголема енергетска безбедност, особено во услови на актуелните воени конфликти и неизвесноста на глобалните пазари.
Регионално поврзување за посигурно снабдување
На самитот во Белград, главниот акцент бил ставен на конкретни проекти за зајакнување на регионалната енергетска поврзаност. Божиновска посочува дека во изминатите пет месеци е направен значаен чекор со потпишувањето на договорот за пристапување кон Вертикалниот гасен коридор.
Покрај пристапот до течниот природен гас (LNG) преку Александруполис и диверзификацијата на изворите и правците за снабдување, министрите разговарале и за модернизација на електроенергетските мрежи, обновливите извори, батериските системи и складирањето енергија.
„Од Белград испративме јасна порака: енергетската сигурност на регионот ја градиме заедно, преку конкретни проекти и посилно поврзување“, посочува Божиновска.
За Македонија особено значајни се интерконекторите со Грција и Србија, како и вклучувањето во Вертикалниот гасен коридор, со што се отвораат нови можности за снабдување и се зајакнува регионалната улога на земјата.
На самитот била разгледана и можноста за вклучување на Романија во иницијативата. Според Божиновска, нејзиното учество би придонело за поголема поврзаност, со оглед на нејзината улога како транзитна земја и членка на Европската Унија.
Следниот, трет министерски состанок е планиран да се одржи во Софија следната година.
Македонија со 40 проценти исполнетост на акумулациите
Во однос на подготовките за зимата, Божиновска информира дека акумулациите моментално се исполнети околу 40 проценти. Таа оценува дека тоа е добра состојба за овој период од годината, имајќи предвид дека во текот на летото исполнетоста изнесувала околу 70 проценти.
„Ние како држава ќе преземеме сѐ за да има сигурност во снабдувањето, односно секогаш да има електрична енергија за граѓаните“, нагласува министерката.
Таа додава дека глобалните случувања, вклучително и воените конфликти, можат да предизвикаат последици врз енергетските пазари, врз кои Македонија нема целосна контрола. Сепак, Владата ќе настојува домашното производство да биде на високо ниво и да се избегнат ценовни шокови.
Ќе се продолжи ли евтината тарифа?
Во врска со можноста за продолжување на периодот на евтина тарифа на електричната енергија, Божиновска најавува средба со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, која веќе ги анализира можностите.
„Претседателот на РКЕ кажа дека веќе прават некои анализи, па ќе видиме, бидејќи во државата имаме голем број фотоволтаици. Ќе се состанам со претседателот и ќе видиме што може да се направи, сѐ за доброто на граѓаните“, изјави Божиновска за МИА.
Министерката нагласува дека Владата настојува да ги заштити домаќинствата од поскапувања, посочувајќи дека околу 80 проценти од населението се наоѓа во првиот тарифен модел.
Конкретна одлука за евентуално продолжување на евтината тарифа засега нема, а нејзината реализација ќе зависи од анализите на РКЕ и од можностите на електроенергетскиот систем.

