НЕМА РЕПРЕГОВАРАЊЕ, НЕМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО Мицкоски откри на што смета со Бугарија

Владата се надева дека преку дијалог ќе се приближат спротивставените ставови, иако Софија засега испраќа цврсти пораки за своите позиции.

НЕМА РЕПРЕГОВАРАЊЕ, НЕМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО Мицкоски откри на што смета со Бугарија
Фото: Принтскрин

Дијалогот со Бугарија е започнат по совет на Европската комисија, а меѓународните партнери се запознаени со неговата содржина. Разговорите ќе продолжат, а јавноста ќе биде информирана кога ќе има конкретен напредок, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по средбата во Софија меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, Мицкоски беше прашан каде го гледа излезот од блокадата на македонските евроинтеграции, особено по пораките од Софија дека нема да има повторно преговарање ниту уставни измени со одложено дејство.

„Во разговор, во дијалог. Тоа е убавината на демократијата, кога ќе разговарате и ќе водите дијалог. Јас се радувам што тој дијалог почна, се радувам што за дијалогот се запознаени нашите партнери“, рече премиерот.

Тој нагласи дека суштината на демократскиот процес е разговорот меѓу различните ставови, но и способноста тие да се приближат за да се дојде до компромис.

„Тоа е убавината во демократијата, да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис. Очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение“, изјави Мицкоски.

На прашањето дали е можна нова средба со бугарската страна пред декемврискиот самит на Европската Унија, премиерот повика да се остави процесот да се одвива без дополнителни најави за конкретни термини.

„Да оставиме процесот да се движи по природен пат. За сè што треба јавноста да знае, ќе знае на време“, порача Мицкоски.

CATEGORIES
Share This