ЗАВЕТОТ ШТО МАКЕДОНИЈА ГО ИСПОЛНИ 80 години од враќањето на Гоце Делчев во Скопје
Неговите соборци и тогашните власти донеле историска одлука посмртните останки на Делчев да почиваат во главниот град на слободна и независна Македонија.

Државниот архив на Македонија, во соработка со НУ Конзерваторски центар Скопје, организира изложба посветена на еден од најзначајните моменти во современата македонска историја, 80-годишнината од пренесувањето на посмртните останки на македонскиот револуционер Гоце Делчев во Скопје.
Изложбата ќе биде отворена вечерва во 18 часот, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, каде што почиваат посмртните останки на Делчев.
Од Државниот архив посочуваат дека пренесувањето на останките било исполнување на заветот на неговите соборци Делчев да почива во главниот град на слободна и независна Македонија.
„Заветот на Гоце Делчев, пренесуван низ децениите од неговите соборци, остана трајна обврска за Илинденската организација и за македонската држава: неговите останки да почиваат во главниот град на слободна и независна Македонија“, наведуваат од Архивот.
По ослободувањето на земјата, соборците на Делчев и тогашните власти донеле заедничка историска одлука дека се исполнети условите за реализација на овој аманет, по што неговите посмртни останки биле пренесени во татковината.
Изложбата претставува посвета на историскиот пат на посмртните останки на Делчев, заветот на неговите соборци и значењето на зачувувањето на македонската национална меморија.

