ВУЧИЌ ЖЕСТОКО ПО ХРВАТСКА Ќе направат сè против Србија
Од Панчево порача дека военото поврзување на Хрватска, Косово и Албанија е насочено против Белград, а со остри зборови ги нападна и политичките противници.

Александар Вучиќ, кој неодамна се повлече од функцијата претседател на Србија и сега е кандидат за премиер, во средата одржа предизборен митинг на листата „Александар Вучиќ – Уједињена Србија“ во Панчево. Парламентарните избори во Србија се закажани за 25 октомври.
Во говорот пред приврзаниците, Вучиќ повторно ја нападна Хрватска, обвинувајќи ја дека не сака успех на Србија и дека ќе преземе мерки против Белград.
„Зошто Хрватска да биде одговорна за успехот на Србија? Секако дека тоа им пречи и ќе направат нешто против нас“, рече Вучиќ.
Тој повторно се осврна и на воената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово, која Белград ја толкува како закана за Србија.
„Зошто склучија воен сојуз со Приштина и Тирана? Сè го направија против Србија затоа што Србија станува посилна и не можат да ја газат како во 2012 година. Србија расте и се развива и е способна да се одбрани“, порача Вучиќ.
Ваквите обвинувања тој ги повторува подолг период, тврдејќи дека военото поврзување на Хрватска, Албанија и Косово е насочено против Србија.
Вучиќ во Панчево зборуваше и за своите политички противници, особено за Студентската листа, која на претстојните избори се наметнува како главен предизвик за владејачкиот блок.
Осврнувајќи се на односите со Хрватска, тој изјави:
„Почнаа со Северина, а ќе завршат со Томпсон, па ќе нè натераат да пееме ‘За дом спремни’. А Србија нема да ви го пее тоа“, рече Вучиќ, пренесувајќи ја својата порака во контекст на политичката кампања.
Предизборната кампања во Србија се одвива во услови на силна политичка поларизација и по речиси две години студентски протести против власта на Вучиќ. Откако се повлече од претседателската функција, тој ја предводи изборната листа „Уједињена Србија“ и е кандидат за премиер доколку листата победи на изборите.
НОВА БУРА МЕЃУ БЕЛГРАД И ЗАГРЕБ Вучиќ и Пленковиќ со жестоки обвинувања

