ЕУ ПОДГОТВУВА НОВ УДАР ВРЗ РУСИЈА На мета производителите на „Искандер“ и дронови
Новиот пакет санкции опфаќа компании од рускиот ракетен сектор, производители на специјализирани материјали и 77 политичари поврзани со избори на окупирани украински територии.

Повеќе од половина од новододадените руски субјекти и поединци во подготвениот пакет санкции на Европската Унија се поврзани со производството и развојот на балистички ракети, меѓу кои и системот 9M723 „Искандер-М“.
Според извори запознаени со предлогот, на санкцискиот список се наоѓаат компании и поединци вклучени во тестирање и истражување на ракетни технологии, како и во производство на цврсти ракетни горива и мотори за системот „Искандер“.
ЕУ дополнително ги таргетира и руските производители на специјализирани материјали, синтетички и јаглеродни влакна кои се користат во производството на различни видови ракетни системи.
Во пакетот се опфатени и производители на беспилотни летала, како и бродоградилишта кои сервисираат руски подморници. На списокот се наоѓаат и 77 руски политичари кои се кандидирале на избори за парламент на територии што Украина ги смета за свои.
Новите санкции формално би требало да бидат усвоени на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник.
Во меѓувреме, руските напади со балистички ракети врз Украина се интензивираа во услови кога Киев располага со ограничен број системи „Патриот“, кои се меѓу ретките средства способни да пресретнуваат ваков тип ракети. Според изворите, пренасочувањето на дел од американските ресурси кон други региони дополнително ја зголемило загриженоста за украинската воздушна одбрана.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела, пак, најави дека Москва нема да го продолжи извозот на дизел на светските пазари сè додека не бидат укинати санкциите.
Состојбата на глобалниот пазар на дизел дополнително се усложнува поради нарушувањата поврзани со војната во Иран, додека нападите врз руските рафинерии влијаат и врз снабдувањето на самиот руски пазар.

