СУДСКИОТ СОВЕТ ПРЕСЕЧЕ ЗА КУМАНОВСКИОТ СУД Основана претставката против Снежана Манев

75 вработени пријавиле навреди, психолошки притисок и нарушена атмосфера, а осум члена на Советот гласаа дека наводите се основани.

СУДСКИОТ СОВЕТ ПРЕСЕЧЕ ЗА КУМАНОВСКИОТ СУД Основана претставката против Снежана Манев
Фото: Принтскрин

Судскиот совет со осум гласа „за“ и два „против“ ја утврди основаноста на претставката поднесена од 75 вработени во Основниот суд Куманово против претседателката на судот, Снежана Манев.

Вработените во претставката со свои потписи укажале на, како што наведуваат, навреди, омаловажување, психолошки притисок, заплашување и недолично однесување од страна на претседателката, како и на нарушена работна атмосфера. Тие тврдат дека биле критикувани пред странки, биле изложени на навредлив начин на комуникација, а претседателката се мешала и во користењето на годишните одмори.

Претставката на седницата ја презентираше членката на Судскиот совет Сузана Јошевска Анастасовска, која информираше дека во меѓувреме работна група на Советот го посетила кумановскиот суд и разговарала со 65 вработени.

„15 изјавија дека лично искусиле или биле сведоци на конкретните наводи во претставката. Другите вработени изјавија дека слушаат постојани викања, повисоки тонови на обраќање, дека чувствуваат притисок и лоша работна атмосфера, дека не се согласуваат со начинот на кој се постапува со годишните одмори, дека се чувствуваат понижено и дека постои чувство на постојан надзор од претседателката“, рече Јошевска Анастасовска.

Според наодите презентирани пред Судскиот совет, во кумановскиот суд подолго време постои конфликт меѓу претседателката Манев и судскиот администратор, а последиците, според исказите на вработените, се одразуваат врз целокупната работна атмосфера.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, истакна дека недоразбирањата во кумановскиот суд траат подолг период. Веќе е формирана работна група која ги проверува укажувањата, а по денешната одлука Советот ќе продолжи да постапува по претставката.

Јошевска Анастасовска оцени дека начинот на управување со судот, според утврдените наоди, бил проследен со прекумерна строгост и несоодветна вербална комуникација.

„Начинот на којшто таа управува е преку прекумерна строгост, лоша вербална комуникација, страв на вработените и сметам дека тоа значи излегување од нејзините законски надлежности и претставката е основана“, рече таа.

Членот на Судскиот совет Ивица Николовски, пак, застана во одбрана на потребата претседателот на судот да врши контрола врз работата на администрацијата, посочувајќи ги наводите за отсуства и несоодветно евидентирање на присуството на работа.

„Дали претседателот треба да дозволи вработените да не одат на работа, да се куцаат вештачки преку лица со картички? Во услови кога било побарано од судскиот администратор да преземе мерки –кога видела дека нема резултати, си вовела тетратка. Ако сака судот да биде ажурен, треба да го преземе тоа“, рече Николовски.

Дел од членовите, сепак, предупредија дека Судскиот совет треба да постапува внимателно и врз основа на целосно утврдени факти.

„Не може ние по поплаки да одлучуваме дали ќе разрешиме или не претседател, без утврдени факти како работел и дали се основани наводите во поплаките“, рече членката на Советот Тања Чачарова Илиевска.

Антоанета Димовска, пак, порача дека Советот не смее да го игнорира она што се случува во кумановскиот суд.

„Не можеме да замижуваме и нешто се случува таму. И патот на пеколот е поплочен со добри намери“, рече Димовска.

Во својот писмен одговор, претседателката на Основниот суд Куманово ги отфрли наводите како неосновани, тенденциозни и паушални. Манев наведува дека зад претставката стои помала група вработени од кои, како што тврди, барала дисциплина и отчетност во работењето, на чело со судскиот администратор.

Таа образложила дека контролите и интервенциите биле преземани затоа што, според нејзината оценка, судската служба не функционирала доволно одговорно.

Одлуката на Судскиот совет доаѓа по неодамнешните реакции на синдикатот на УПОЗ, кој исто така ја обвини претседателката на кумановскиот суд за мобинг и навредливо однесување кон дел од вработените. Од синдикатот претходно најавија дека, доколку Советот не постапи по претставките, можно е организирање штрајк, а побараа и разрешување на Манев.

ЌЕ ВЕ ЗАПАЛАМ, ЌЕ ВЕ СТАВАМ ПОД НОЗЕ Бура во Кумановскиот суд, УПОЗ бара разрешување на претседателката

CATEGORIES
Share This