ЦРНА ГОРА НЕ ПОПУШТА Во ЕУ влегуваме со право на вето
Спајиќ го поздрави предлогот на Брисел, но Милатовиќ предупредува: Хрватска не смее преку билатерални спорови да го кочи европскиот пат на Подгорица.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ го поздрави предлогот на Европската комисија за политиката на проширување на ЕУ, оценувајќи дека тој не предвидува укинување или ограничување на правото на вето на идните членки.
„Полноправното членство подразбира право на одлучување. Ја поздравувам предложената рамка на Европската комисија, која не предвидува укинување или ограничување на правото на вето на идните членки“, напиша Спајиќ на „Икс“.
Тој истакна дека Црна Гора, по 14 години преговори, се стреми кон полноправно членство во Унијата со сите права и обврски што произлегуваат од членството. Спајиќ додаде дека Подгорица активно лобирала за ваквата позиција преку дипломатски активности и порача дека Црна Гора не се плаши од заштитни механизми доколку тие се јасно дефинирани и пропорционални.
„Не сакаме членство од втор ред“, порача тој, повикувајќи се на принципот дека идните членки треба да ги уживаат истите права како и останатите држави во Унијата.
Европската комесарка за проширување Марта Кос, претставувајќи го документот за политиката на проширување, изјави дека бројот на механизми за вето што една земја може да ги користи е намален, особено во процесите поврзани со пристапувањето на нови членки. Сепак, Кос нагласи дека сите земји-членки ќе имаат еднакви права, вклучително и новите членки.
Според неа, кандидатите што ќе ги исполнат потребните стандарди ќе можат да учествуваат во сите сектори на заедничката европска политика, а посебно внимание ќе биде посветено на владеењето на правото и на одржувањето на исполнетите стандарди и по пристапувањето.
Црна Гора досега ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја, од кои 18 се привремено затворени. Европската комисија предложи привремено затворање на уште седум поглавја, а црногорските власти очекуваат процесот на затворање да заврши до крајот на оваа или почетокот на следната година. Подгорица се надева дека Црна Гора би можела да стане членка на ЕУ до 2028 година.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ порача дека европскиот пат на земјата не треба да зависи од отворени билатерални прашања. Тој го оцени како нереално барањето на Хрватска за враќање на имот вреден повеќе од 2,7 милијарди долари и порача дека Подгорица и Загреб треба да се фокусираат на прашањата што ги поврзуваат.
„Хрватска е наш партнер и пријател. Да се фокусираме повеќе на работите што нè обединуваат, а многу помалку на оние што нè делеа во минатото. Да го завршиме овој наш европски пат заедно и да се најдеме во ЕУ“, рече Милатовиќ.
Тој посочи дека, иако европските институции повторуваат дека билатералните прашања не треба да го условуваат европскиот пат, политичката реалност понекогаш е поинаква. Како пример го наведе Поглавјето 31, кое сè уште не е затворено, иако, според него, е технички подготвено за затворање, поради одредени билатерални позиции, пред сè од Хрватска.
Меѓу отворените прашања меѓу Црна Гора и Хрватска се сопственоста над школскиот брод „Јадран“, обештетувањето на хрватските притвореници во поранешниот логор Морињ, прашањата поврзани со сукцесијата на воениот имот и враќањето на имотот на хрватски државјани во Црна Гора.
Двете влади формираа комисии за дел од овие прашања. Црногорскиот министер за одбрана Драган Краповиќ треба да учествува на состанокот на црногорскиот и хрватскиот комитет за статусот на „Јадран“ и другите прашања поврзани со сукцесијата на воениот имот во Загреб на 9 октомври.
Во тој контекст, спорот меѓу Подгорица и Загреб останува еден од билатералните предизвици што се следат во завршната фаза од пристапните преговори на Црна Гора со ЕУ.

