СЕПА ЈА НАМАЛИ ЦЕНАТА ЗА ПЛАЌАЊЕ Над 5 милиони евра заштедени за само една година

Македонците и компаниите направиле 581 илјада трансакции во вредност од 11 милијарди евра, а провизиите паднале до деветпати.

СЕПА ЈА НАМАЛИ ЦЕНАТА ЗА ПЛАЌАЊЕ Над 5 милиони евра заштедени за само една година
Фото: Национал

Народната банка денеска, 7 октомври, одбележува една година од оперативното приклучување на Северна Македонија кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА.

Од Народната банка оценуваат дека приклучувањето претставува значаен чекор во модернизацијата и европската интеграција на домашниот платен систем, со конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и економијата.

Најзначајната придобивка е олеснувањето на прекуграничните плаќања во евра со 40 земји членки на СЕПА. Плаќањата сега се извршуваат побрзо, поедноставно и поевтино, под услови споредливи со оние во Европската Унија.

Според Народната банка, до септември 2026 година преку СЕПА биле реализирани повеќе од 581 илјада трансакции, со вкупна вредност од околу 11 милијарди евра.

Интеграцијата досега донела заштеди од над 5 милиони евра, додека надоместоците за плаќањата се намалени до шестпати за граѓаните и до деветпати за компаниите, во споредба со претходниот модел на кореспондентно банкарство.

Од Народната банка очекуваат заштедите дополнително да растат со зголемувањето на користењето на СЕПА, што, според нив, отвора простор за нови инвестиции, особено кај малите и средните претпријатија, но и за зголемување на расположливиот доход на домаќинствата.

За помалку од една година, СЕПА прерасна во водечки канал за прекугранични плаќања во евра, достапен преку сите домашни банки. Податоците до септември покажуваат дека трансакциите преку СЕПА учествувале со 69 отсто во вкупниот број прекугранични трансакции во евра.

Кај одливите учеството достигнало 67 отсто, а кај приливите 70 отсто, што покажува дека граѓаните и компаниите сè почесто ја користат СЕПА и за испраќање и за примање средства од странство. Во однос на вредноста, преку СЕПА биле обработени повеќе од половина од прекуграничните трансакции за прилив во евра, додека кај одливите учеството надминало 70 отсто.

СЕПА бележи значајна употреба и кај електронските плаќања. Кај физичките лица, преку СЕПА се реализирани 70 отсто од електронските трансакции за прилив и 80 отсто од трансакциите за одлив. Кај компаниите, СЕПА учествува со 70 отсто од електронските трансакции за прилив и 65 отсто од трансакциите за одлив.

Од Народната банка посочуваат дека ова придонесува за дигитализација на плаќањата и намалување на употребата на готовината.

„СЕПА не носи придобивки само преку поефикасни и подостапни прекугранични плаќања, туку создава и долгорочни развојни можности за економијата преку иновации, дигитална трансформација, зголемена конкурентност и поширока финансиска вклученост“, велат од Народната банка.

Оттаму очекуваат позитивните ефекти од приклучувањето кон СЕПА дополнително да се засилат во периодот што следува.

ЦЕЛИОТ БАНКАРСКИ СЕКТОР ВО СЕПА – Што значи тоа за вашите пари

CATEGORIES
Share This