УРГИРАЛ ЗА ПОНИСКИ КАЗНИ Виш обвинител под истрага за противзаконито влијание

Обвинителството се сомнева дека влијаел врз обвинители и судии во најмалку четири предмети, а по наредба на суд биле извршени претреси во неговиот дом и во Вишото јавно обвинителство во Битола.

УРГИРАЛ ЗА ПОНИСКИ КАЗНИ Виш обвинител под истрага за противзаконито влијание
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе истрага против виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола, поради сомнение дека примал награда за противзаконито влијание.

Според Обвинителството, со примена на посебни истражни мерки биле обезбедени докази кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот ја користел службената положба и своето реално влијание за да влијае врз одлуките на други обвинители и судии.

Истрагата опфаќа најмалку четири различни кривични предмети. Според наводите на Обвинителството, обвинителот ургирал за изрекување пониски казни или за обезбедување поповолна процесна положба за осомничени и обвинети лица.

Во текот на вчерашниот ден, по судска наредба, биле извршени претреси во домот на осомничениот, како и во просториите на Вишото јавно обвинителство во Битола. Целта била обезбедување дополнителни докази поврзани со истрагата.

Надлежниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост. Се бара на осомничениот да му биде одземена патната исправа, како и да му биде забрането вршење определени работни активности, односно да биде отстранет од работното место додека трае постапката.

Истрагата продолжува, а Обвинителството најавува обезбедување и анализа на дополнителни докази.

ПРЕТРЕС КАЈ ВИШ ОБВИНИТЕЛ Се истражува примање награда за противзаконито влијание

CATEGORIES
Share This