ГРУБИ БРОИ ДЕНОВИ Излегува од куќен притвор, еве што понуди и за пасошот

Поранешниот вицепремиер ќе продолжи да се брани од слобода, а мерката за забрана за напуштање на државата може да биде укината доколку Судот ја прифати понудената гаранција.

ГРУБИ БРОИ ДЕНОВИ Излегува од куќен притвор, еве што понуди и за пасошот
Фото: Принтскрин

Поранешниот вицепремиер Артан Груби на 13 октомври ќе излезе од куќен притвор, по истекот на законскиот рок од 60 дена. Неговата одбрана во меѓувреме понудила недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција за укинување на мерката за привремено одземање на патната исправа и забраната за издавање нова исправа за преминување на државната граница.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека обвинителниот предлог за предметот „Државна лотарија“ бил поднесен на 13 август 2026 година. Согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот по поднесен обвинителен предлог може да трае најмногу 60 дена.

Поради тоа, куќниот притвор на Груби истекува на 13 октомври 2026 година и, според Судот, повеќе не може да биде продолжен по овој основ.

„По сила на Законот мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година“, соопшти Кривичниот суд.

Сепак, со истекот на куќниот притвор не престанува автоматски и мерката на претпазливост со која на Груби му е одземен пасошот и му е забрането да добие друга исправа за преминување на државната граница.

Токму за оваа мерка одбраната доставила предлог согласно член 150 од Законот за кривичната постапка, барајќи нејзино укинување со определување гаранција.

Како гаранција е понуден недвижен имот проценет на 335.707 евра, со образложение дека Груби ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка.

За предлогот е оформен посебен предмет, кој е доставен на мислење до надлежното Јавно обвинителство. По добивањето на мислењето, за понудената гаранција ќе одлучува Кривичниот совет.

Во меѓувреме, судењето за предметот „Државна лотарија“ продолжува. Груби е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување при набавката на апарати за игри на среќа за „Државна лотарија“, во случај во кој спорната набавка се проценува на околу 8,2 милиони евра.

Груби на судењето се изјасни како невин.

Тој претходно беше во бегство, а во Северна Македонија се врати на 23 февруари 2026 година, по околу 14 месеци. По враќањето му беше определена мерка куќен притвор.

За предметот се обвинети и други лица, меѓу кои и поранешниот директор на „Државна лотарија“ Прпарим Бајрами, како и членови на Управниот одбор на компанијата.

CATEGORIES
TAGS
Share This