ПРЕМИЕРОТ НЕ ОЧЕКУВА НИШТО КОНКРЕТНО ОД СОФИЈА, А ЗА ИЗБОРИТЕ ВЕЛИ Кој има дилема, нека ја покрене во Собранието
Премиерот вели дека нема да свикува лидерска средба и повторува дека Владата планира да го заврши целиот четиригодишен мандат

Премиерот Христијан Мицкоски не очекува конкретен резултат од претстојната средба на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со бугарската министерка Велислава Петрова во Софија.
„Не очекувам потврда, не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог и тоа отприлика“, изјави Мицкоски, одговарајќи на прашањето што очекува од разговорите.
Муцунски и Петрова треба да се сретнат в четврток, на маргините на меѓународната министерска конференција посветена на Коридорот 8 во Софија. Барањето за средба било упатено од македонска страна, по пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која при посетата на Скопје го посочи директниот дијалог како прв чекор кон придвижување на евроинтегративниот процес.
Во однос на актуелните политички дилеми и можноста за предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека нема намера да свикува лидерска средба. Тој повтори дека Владата има намера да го заврши целиот четиригодишен мандат, а доколку опозицијата смета дека треба да има предвремени избори, иницијативата треба да ја покрене во Собранието.
„Јас не мислам дека има предвремени избори. Не знам кој има дилема. Тој што има дилема, Парламентот е местото, може да си побара, а ние, се разбира, секогаш сме подготвени за избори“, рече премиерот.
Мицкоски порача дека владејачкото мнозинство не се плаши од избори, но оти приоритет останува реализацијата на владината програма и исполнувањето на ветувањата кон граѓаните.
„Оваа Влада има мандат четири години и ние работиме за мандат од четири години“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека доколку опозицијата е убедена дека владините политики се погрешни и дека Владата ја нема поддршката од граѓаните, може да поднесе иницијатива за распуштање на Собранието.
„Ако се тие толку сигурни дека тоа што ние го правиме е лошо и не го поддржуваат граѓаните, слободно можат во Парламентот да покренат иницијатива за распуштање и тоа е тоа“, порача премиерот.
Темата за предвремени избори е актуелна веќе неколку месеци. Мицкоски останува на ставот дека редовните парламентарни избори треба да се одржат во април 2028 година, но вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати предвремени избори доколку за тоа биде поднесена иницијатива во Собранието. ДУИ ја поздрави ваквата позиција на премиерот, оценувајќи дека политичките решенија треба да се бараат преку институциите и волјата на граѓаните.
Од СДСМ, пак, велат дека нема да бидат алиби на Мицкоски за предвремени избори и оти избори ќе има кога Владата ќе остане без пари. И владиниот партнер ВЛЕН изрази подготвеност за предвремени парламентарни избори, иако нивниот став е дека во моментов нема потреба од нив.

