БРИСЕЛ СЕ ПЛАШИ ОД УКРАИНСКИОТ АГРОГИГАНТ – ЕУ подгтовува посебни правила за Киев

Интерен документ на Европската комисија открива план за ограничување на пристапот на Украина до земјоделскиот пазар и субвенциите доколку стане членка на ЕУ.

БРИСЕЛ СЕ ПЛАШИ ОД УКРАИНСКИОТ АГРОГИГАНТ – ЕУ подгтовува посебни правила за Киев
Фото: Принтскрин

Европската Унија разгледува посебни механизми за украинскиот земјоделски сектор во случај Украина во иднина да стане полноправна членка на Унијата.

Според интерен документ на Европската комисија, до кој дошол „Фајненшл тајмс“, Брисел разгледува можност за значително ограничување на пристапот на Украина до европскиот земјоделски пазар и финансиската поддршка што ја добиваат земјоделците во рамките на Заедничката земјоделска политика.

Планот, според документот, се поврзува со загриженоста на дел од земјите членки, особено Франција, Полска и Италија, околу влијанието што би го имал украинскиот земјоделски сектор врз европските производители.

УКРАИНА БИ ГО ПРОМЕНИЛА ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ БАЛАНС ВО ЕУ

Со евентуалното членство на Украина, вкупните земјоделски површини на Европската Унија би се зголемиле за 27,5 отсто. За споредба, Франција, која во моментов има најголем удел во земјоделското земјиште во Унијата, располага со околу 17 отсто од вкупната површина.

Според анализа на Farm Europe, околу 45 отсто од украинската почва е црница, една од најплодните почви, што овозможува висока земјоделска продуктивност.

Дополнителна разлика е големината на земјоделските стопанства. Просечната големина на фарма во Украина се наведува на околу 649 хектари, наспроти просечни 17 хектари во ЕУ.

Според истата анализа, Украина би можела да учествува со околу една петтина од европското производство на жито, 49 отсто од производството на пченка и 15 отсто од производството на пченица.

СУБВЕНЦИИТЕ СЕ ЕДНА ОД КЛУЧНИТЕ ТОЧКИ

Во документот на Европската комисија се наведува дека специфичната структура и големината на украинскиот земјоделски сектор оправдуваат разгледување на целни аранжмани со кои би се ограничиле финансиската поддршка и пристапот до европскиот пазар за одредени производи, меѓу кои пченицата и житарките.

Земјоделските субвенции во ЕУ изнесуваат околу 55 милијарди евра годишно, па евентуалното вклучување на Украина би можело значително да влијае врз распределбата на средствата.

Украинскиот трговски претставник Тарас Качка претходно предложи земјоделските субвенции за Украина да бидат откажани во следниот финансиски период доколку тоа би помогнало за побрзо пристапување кон ЕУ.

БРИСЕЛ НУДИ И ДРУГА ФОРМА НА ПОДДРШКА

Според документот, ЕУ разгледува и можност за помош на Украина при повторното отворање на нејзините традиционални извозни пазари, кои се сериозно погодени од руската агресија.

Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија во документот се наведуваат меѓу најнапредните кандидати за членство, но не се утврдени фиксни датуми за нивно пристапување.

Истовремено, во Брисел се разгледуваат и нови механизми со кои пристапот до европските фондови би бил посилно условен со напредокот во реформите на правосудството и владеењето на правото.

Во рамките на пошироката реформа се разгледува и промена на механизмот од член 7 од Договорот за Европската Унија, кој овозможува санкционирање на членки кои сериозно ги прекршуваат основните вредности на Унијата, вклучително и суспендирање на одредени права, како правото на глас.

Плановите, според документот, имаат за цел ЕУ да добие построги механизми за заштита на своите финансиски и институционални правила во услови на идно проширување.

Сепак, документот не претставува конечна одлука за условите под кои Украина би станала членка, туку ја покажува насоката во која Европската комисија размислува за последиците од потенцијалното проширување на Унијата.

CATEGORIES
Share This