КОЈ ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ЗАКАНА, НЕКА ЈА ОТВОРИ РАМКАТА Сиљановска со директна порака за Бугарија и ЕУ
Претседателката вели дека спорот со Бугарија не може да се третира ниту само како билатерално прашање, ниту исклучиво како проблем меѓу Македонија и ЕУ – „не се оди надвор без консензус дома“.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека прашањето за евроинтеграциите на Македонија и условувањата поврзани со Бугарија не може да се квалификува ниту исклучиво како билатерално прашање, ниту само како проблем во односите меѓу Македонија и Европската Унија. Таа се осврна на неодамнешната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и на можноста ЕУ да посредува во разговорите меѓу Скопје и Софија.
Сиљановска-Давкова потсети дека низ годините двете страни различно го квалификувале спорот. Според неа, Македонија претходно укажувала дека станува збор за билатерално прашање, додека од Бугарија било посочувано дека проблемот е во рамките на односите со ЕУ. Таа нагласи дека доколку прашањето е дел од односите со ЕУ, тогаш треба да се овозможи директен дијалог со Унијата.
Претседателката се повика и на европското право, посочувајќи дека постојат механизми во рамките на правниот систем на ЕУ, а го спомена и членот 7 од Договорот за Европската Унија. Во однос на почитувањето на европските принципи и вредности, Сиљановска-Давкова се повика на Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор и Повелбата за фундаменталните права. Таа нагласи дека европските документи предвидуваат почитување на националниот и културниот идентитет, како и на уставните и политичките структури на државите.
Сиљановска-Давкова посебно се осврна на содржината на преговарачката рамка и на издвоената изјава на Бугарија за македонскиот јазик. Таа праша зошто воопшто била внесена ваква изјава доколку, како што се наведува од ЕУ, нема проблем со македонскиот јазик и идентитет. Претседателката оцени дека прашањата што се отвораат во односите со Бугарија не се ограничуваат само на јазикот, туку опфаќаат и историја, култура и други прашања што таа ги поврзува со идентитетот.
Во однос на уставните измени, Сиљановска-Давкова порача дека не може да гарантира дека тие ќе бидат усвоени. Таа нагласи дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат според сопствено уверување, посочувајќи дека останува прашањето што ќе се случи доколку повторно биде иницирана постапка за уставни измени, но не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство и потребното мнозинство од пратениците од немнозинските заедници.
Претседателката зборуваше и за потребата од политички консензус за прашањата од национален интерес. Според неа, Македонија не треба да настапува пред меѓународните партнери без претходно усогласена позиција во земјата. Сиљановска-Давкова рече дека разговорите за создавање таков консензус биле прекинати откако претставници на опозицијата престанале да учествуваат на средбите.
Таа, сепак, забележува промена во односот на ЕУ кон потребата од директен дијалог меѓу Скопје и Софија, повикувајќи се на неодамнешните пораки од Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта за продолжување на разговорите и потребата од гаранции.

