СТАНОВИТЕ ВО ЕУ ПОВТОРНО ПОСКАПУВААТ Бугарија меѓу земјите со најголем раст

Цените на домовите во Европската Унија пораснаа за 4,7 проценти, додека кириите се зголемија за 3 проценти во вториот квартал од 2026 година.

СТАНОВИТЕ ВО ЕУ ПОВТОРНО ПОСКАПУВААТ Бугарија меѓу земјите со најголем раст
Фото: Принтскрин

Цените на становите во Европската Унија продолжуваат да растат. Во вториот квартал од 2026 година, тие биле за 4,7 проценти повисоки во споредба со истиот период минатата година, додека кириите пораснале за 3 проценти, покажуваат податоците на Евростат.

На квартално ниво, во однос на првиот квартал од 2026 година, цените на становите се зголемиле за 1 процент, а кириите за 0,7 проценти.

Во периодот од 2025 година до вториот квартал од 2026 година, цените на куќите во ЕУ пораснале за 4,1 процент, додека кириите се зголемиле за 2,6 проценти.

Најголем раст на цените на становите е регистриран во Бугарија од 14,3 проценти, потоа во Португалија со 14,2 проценти и Литванија со 12,8 проценти.

Од друга страна, Финска и Франција се единствените земји во кои цените на становите се намалиле, и тоа за 1,5, односно 1,4 проценти.

Кога станува збор за кириите, раст е забележан во сите земји од ЕУ. Најголем скок има во Романија од дури 41,2 проценти, а потоа следуваат Хрватска со 22,1 процент и Словенија со 10,2 проценти.

Најмал раст на кирии е регистриран во Естонија и Финска – по 0,1 процент, додека во Луксембург зголемувањето изнесува 1,2 проценти.

Податоците покажуваат дека домувањето и понатаму останува под силен ценовен притисок низ Европа, со значителни разлики меѓу земјите.

CATEGORIES
Share This