ЗЕЛЕНСКИ БАРА НОВИ МИЛИЈАРДИ, МИЛЕР БАРА СМЕТКИ Прво кажете што се случи со 300-те тенкови

Додека Киев и Берлин најавија 15 договори и документи вредни повеќе од 8,5 милијарди евра, поранешниот полски премиер Лешек Милер побара отчет за досегашната помош од Варшава и предупреди дека таа не смее да се доделува „без критериуми“.

ЗЕЛЕНСКИ БАРА НОВИ МИЛИЈАРДИ, МИЛЕР БАРА СМЕТКИ Прво кажете што се случи со 300-те тенкови
Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски по средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Киев објави дека Украина и Германија имаат потпишано 15 договори и документи, главно за безбедносна соработка, производство и набавка на оружје, нарачки за германската индустрија и заеднички проекти. Според Зеленски, вкупната вредност на договорите надминува 8,5 милијарди евра.

Во истиот период, од Полска доаѓа остра порака од поранешниот премиер Лешек Милер, кој побара Киев прво да поднесе отчет за претходно добиената воена и финансиска помош.

„Никој не прашува што се случи со 300-те тенкови што ги испративме во првата фаза. Што се случи со тешката и лесната опрема? Никој не прашува што се случи со милијардите евра што ги дониравме. Зеленски само доаѓа и вели: ‘Дајте’, а ние даваме“, изјави Милер за „Polsat News“.

На прашањето дали смета дека дел од средствата испратени во Украина се проневеруваат, Милер одговорил дека тоа, според него, „сите го знаат“. Тој повика Варшава да побара детален извештај за искористената помош и да ја преиспита понатамошната поддршка доколку таков отчет не биде доставен.

„Ќе ви ги позајмам парите, но поднесете ми извештај за тоа што сте направиле со претходната транша“, порача поранешниот полски премиер.

Милер истовремено призна дека без западната помош Украина тешко би можела да опстане, но нагласи дека и Полска има обврски кон сопствените граѓани и дека не може неограничено да испраќа пари и опрема без јасни критериуми.

Полска во текот на војната беше меѓу најголемите поддржувачи на Украина и служеше како важен логистички центар за западната воена помош. Во последните години, сепак, меѓу Варшава и Киев се појавија и сериозни политички несогласувања.

Во меѓувреме, Германија најави и нов пакет поддршка за Украина вреден повеќе од 1,3 милијарди евра, од кои околу една милијарда се наменети за воена помош, а дополнителни средства за енергетскиот сектор.

CATEGORIES
Share This