САМУИЛ СЕ ВРАТИ ВО СОФИЈА Но чии се навистина „неговите“ останки
Бугарија ги прими останките што му се припишуваат на средновековниот владетел, додека во јавноста се појавија сомнежи дали навистина се негови.

Посмртните останки што му се припишуваат на цар Самуил денеска беа пренесени од Грција во Бугарија, по повеќедецениски преговори меѓу Софија и Атина. Во Софија беа пречекани со државни и воени почести, присуство на илјадници граѓани и почесен плотун од 21 истрел.
Останките биле откриени во 1969 година во базиликата „Свети Ахил“ на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро. Грција и Бугарија постигнаа договор според кој Бугарија ги презема останките, а на Грција ѝ се враќаат 48 религиозни предмети однесени од грчки цркви и манастири за време на Првата светска војна.
На церемонијата во Солун присуствуваа грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и бугарскиот премиер Румен Радев, по што останките беа пренесени во Софија и положени во базиликата „Света Софија“. Бугарската страна го претставува настанот како враќање на значаен средновековен владетел кај својот народ.
Но, паралелно со свеченото враќање, во јавноста повторно се отвори и дилемата дали останките навистина му припаѓаат на Самуил. Се изразуваат сомнежи за нивната автентичност и оценките се дека останките не биле категорично идентификувани како на средновековниот владетел.
Останките на Самуил со години се дел од пошироките историски и политички спорови на Балканот, особено меѓу Бугарија и Македонија. Средновековниот владетел има силно присуство и во македонската историографија и јавност, а неговата држава и историското наследство и натаму се предмет на различни толкувања.

