ДЕЦАТА ЌЕ БИДАТ ПООТПОРНИ Ако научат една клучна вештина
Истражување на ИСППИ покажува: хуманата комуникација помага против стрес и врсничко насилство.

Развивањето на хумана комуникација кај децата може значително да придонесе за подобро ментално здравје, психолошка отпорност и справување со стресот, покажуваат првичните наоди од научноистражувачкиот проект на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) Скопје.
Проектот „Хумана комуникација кај младите: аспекти, фактори и креативни начини на нејзино развивање“ опфати 657 ученици од шесто до деветто одделение, главно од скопските општини. Во работилници биле вклучени 175 ученици, а биле обучени и 27 училишни психолози.
Раководителката на проектот, проф. д-р Елеонора Серафимовска, посочи дека хуманата комуникација не се учи само како теорија, туку се развива преку практична работа и вежби. Таа ги опфаќа емпатијата, почитта и самопочитта, соработката, решавањето конфликти, помагањето и општествената одговорност.
Според наодите, хуманата комуникација позитивно корелира со емоционалната интелигенција, отпорноста на стрес и психолошката резилентност, што ја прави важна за градење ментално здрави и отпорни деца.
Серафимовска нагласи дека целта не е воведување нов предмет, туку принципите на хуманата комуникација да се вградат во наставните содржини на различни предмети, особено во основното образование.
Државниот секретар во МОН Елена Ивановска оцени дека истражувањето доаѓа во вистинско време, бидејќи врсничкото насилство е сериозен општествен предизвик. Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, пак, истакна дека современото општество бара комуникација што е поодговорна, поемпатична и похумана.
Проектот е финансиран од Министерството за образование и наука во рамките на конкурсот за научноистражувачки проекти за 2025 година, а истражувањето продолжува и во други општини.

