БРИСЕЛ ПРИТИСКА, СОФИЈА ОДБИВА Бугарија не мрда ниту чекор
Во Бугарија тврдат дека сите партии се обединети кога станува збор за Македонија.

И покрај засилениот дипломатски притисок од институциите на Европската Унија, Софија останува на своите позиции и не најавува отстапки кон Македонија.
Во бугарскиот политички и аналитички простор сè погласно се оценува дека прашањето за Македонија е една од ретките теми околу кои постои целосно единство меѓу политичките партии, и покрај нивните внатрешни поделби.
Во јавните дебати се признава дека Брисел врши силен притисок за деблокада на евроинтегративниот процес, но од Софија порачуваат дека Бугарија треба да истрае на својата позиција.
„Не треба да се лажеме дека притисокот од Европа во моментов е многу голем. Европа бара од Бугарија да направи отстапка, но Бугарија тука мора да издржи. Ова е едно од ретките прашања каде што бугарските политички партии се потполно единствени“, беше посочено во бугарските медиуми.
Според бугарските ставови, меѓу клучните услови за Скопје остануваат внесувањето на Бугарите во Уставот и спроведувањето на договореното во рамките на мешовитата историска комисија. Во Софија овие барања ги претставуваат како дел од веќе утврдената европска позиција.
Бугарските аналитичари предупредуваат дека отстапување под надворешен притисок би било спротивно на националните интереси, поради што Софија, според нивните оценки, ќе продолжи да инсистира Македонија да ги исполни поставените услови пред да добие зелено светло за понатамошен напредок во ЕУ.

