ЈОВАН ЈОСИФОВСКИ ЈА ОСВОИ ДЕНЕС 2026 Од „Оддел за управување со бесот“ до Њујорк

Младиот визуелен уметник е избран за добитник на јубилејната награда и во 2027 година ќе замине на двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк

ЈОВАН ЈОСИФОВСКИ ЈА ОСВОИ ДЕНЕС 2026 Од „Оддел за управување со бесот“ до Њујорк
Фото: Принтскрин

Синоќа во Сули-ан беше прогласен добитникот на XX Награда ДЕНЕС 2026, една од најзначајните независни награди во земјава наменети за млади визуелни уметници до 35 години.

Годинашниот лауреат е Јован Јосифовски, кому наградата му ја донесе досегашната уметничка практика и нејзиниот актуелен развој, особено делото „Оддел за управување со бесот“, претставено во рамки на изложбата на наградата ДЕНЕС.

Жирито оцени дека делото претставува важен момент на промена во уметничката практика на Јосифовски, кој, како што беше посочено, убедливо ја образложил трансформацијата и во презентацијата пред жирито.

„Неговата практика се наоѓа во пресуден момент на трансформација и сметаме дека Њујорк, во овој период од неговиот уметнички развој, ќе му понуди соодветна и поттикнувачка средина за понатамошна работа“, образложи жирито.

Како дел од наградата, Јосифовски ќе добие можност за двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк во 2027 година, каде што ќе може дополнително да ја развива својата уметничка практика.

Одлуката, според членовите на жирито, била донесена по долга и инспиративна дискусија за работата и уметничките практики на тројцата финалисти.

Признанија за сите финалисти

Годинава за првпат сите финалисти на наградата ДЕНЕС добија значајни признанија.

Ана Трајковска е номинирана за реализација на самостојна изложба во Скопје во 2027 година. Жирито оценило дека таа се наоѓа во важен момент од својот уметнички развој и дека можноста за самостоен изложбен проект ќе ѝ овозможи да ги продлабочи идеите и да ги развие во посеопфатна целина.

Сергеј Калеников е номиниран за едномесечен престој во галеријата „Простор“ во Сплит. Жирито го препознало неговиот неодамнешен развој кон поекспериментални насоки, придружен со поголема самодоверба и храброст, оценувајќи дека престојот ќе му овозможи дополнително да ги развие овие нови уметнички насоки.

Жирито на ДЕНЕС 2026

Одлуката за добитникот ја донесоа Натали Онглес, извршна директорка и коосновачка на Residency Unlimited од Њујорк; Јелена Мијиќ, мултимедијална уметничка и културна работничка од Белград и добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во 2017 година; и Илија Прокопиев, визуелен уметник и културолог, добитник на наградата ДЕНЕС во 2011 година и актуелен уметнички директор на галеријата Шкуц во Љубљана.

Две децении поддршка за младата уметничка сцена

Наградата ДЕНЕС е основана во 2002 година од Центарот за современи уметности – Скопје. Од 2015 година, наградата ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамки на АКТО фестивалот за современи уметности.

Наградата се реализира во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited (RU) и фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.

CATEGORIES
Share This