МАНЧЕСТЕР СИТИ ПОД НОВ УДАР – ФА се закани со дополниелни мерки
Случајот со финансиските прекршоци добива нов пресврт – Англиската фудбалска асоцијација ја разгледува одлуката на независната комисија и најавува „соодветни мерки“ кога тоа ќе биде потребно.

Случајот со Манчестер Сити повторно е во центарот на вниманието на англиската фудбалска јавност. По одлуката на независната комисија за бројни прекршувања на финансиските правила, сега со официјална реакција се огласи и Фудбалската асоцијација на Англија.
Од ФА порачаа дека внимателно ја разгледуваат одлуката и нејзините последици, при што не ја исклучија можноста за преземање соодветни мерки.
„Одлуката на независната комисија има значајни последици врз интегритетот на фудбалската игра. Внимателно ја разгледуваме одлуката и нејзините последици и ќе преземеме соодветни мерки кога тоа ќе биде потребно“, соопштија од ФА.
Сепак, Англиската фудбалска асоцијација не прецизираше какви мерки би можеле да следуваат. Од ФА нагласија дека нема дополнително да го коментираат случајот додека продолжуваат постапките меѓу Премиер лигата и Манчестер Сити.
Според одлуката на независната комисија, Манчестер Сити прекршил финансиски правила на Премиер лигата во периодот од 2009 до 2018 година. Во случајот биле опфатени и наводи поврзани со неточно прикажување на приходите од спонзорски договори.
Од Манчестер Сити ги отфрлаат обвинувањата и најавија жалба на одлуката.
Сега, меѓутоа, станува јасно дека случајот не останува само во рамките на спорот меѓу клубот и Премиер лигата. Реакцијата на ФА отвора можност за ново поглавје во еден од најсериозните финансиски случаи со кој се соочил англискиот фудбал.
Дали сè ќе заврши со жалбената постапка или ќе следуваат и дополнителни дисциплински последици за Манчестер Сити, останува да биде познато по завршувањето на постапките.

