МУЦУНСКИ ОДИ ВО СОФИЈА Се отвора ли нова рунда разговори со Бугарија
На иницијатива од македонска страна е побарана средба меѓу Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, а разговорот би се одржал следната недела на маргините на состанокот за Коридорот 8.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е побарано официјално да се организира средба меѓу министерот Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Средбата е предвидено да се одржи следната недела, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.
Најавата доаѓа откако премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Скопје, откри дека добил совет првиот чекор да биде официјална билатерална средба со бугарската страна.
Одговарајќи на прашање за неговиот предлог ЕУ да се вклучи во разговорите меѓу Скопје и Софија, Мицкоски рече дека фон дер Лајен го советувала како почетна постапка да се побара официјална средба за време на претстојната посета на Муцунски на Софија.
Така, претстојниот министерски состанок за Коридорот 8 може да стане и можност за директна средба на македонската и бугарската дипломатија, во период кога прашањата поврзани со европската интеграција и односите меѓу двете земји повторно се во фокусот.

