МАКЕДОНСКАТА УМЕТНОСТ ГО ОСВОЈУВА ЗАГРЕБ – КИЦ отвора нова сезона со изложба и концерт
Евгениј Пантев, Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска-Ивановска пред хрватската публика со спој на графика, класична музика и македонски фолклор.

Во понеделник, 5 октомври, со почеток во 19 часот, во македонскиот КИЦ во Загреб ќе биде отворена новата галериска и концертна сезона, со која пред хрватската публика ќе бидат претставени македонското современо графичко и музичко творештво.
Сезоната ќе започне со самостојната графичка изложба „Дисциплина на скратениот траг“ на уметникот Евгениј Пантев. Поставката содржи дела создадени во техника на длабок печат и претставува заокружена авторска целина, преку која се претставуваат неговиот уметнички израз и специфичниот технички пристап.
По отворањето на изложбата, програмата продолжува со рецитал за кларинет и клавир. Кларинетистот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска ќе изведат дела од светската и македонската класична музика.
Концертната програма ги обединува познатите дела од класичниот репертоар со композиции од македонски автори, а преку етномузички елементи и мотиви од македонскиот фолклор воспоставува врска меѓу класичниот музички израз и традиционалното музичко наследство.
Настанот ги обединува визуелната и музичката уметност и отвора простор за афирмација на македонските уметници и нивното творештво пред публиката во Хрватска.
Проектот се реализира во рамките на годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, со поддршка на Министерството за култура и туризам.

