САМО 4 ДЕНАРИ ЗА ИНДУСТРИСКО ЈАБОЛКО Преспанските овоштари мака мачат со бербата
Ниски откупни цени, скапа работна сила и род намален за околу 50 отсто поради пролетните мразеви ја прават сезоната исклучително тешка за производителите

Почна бербата на јаболката во Преспа, но овоштарите и годинава се соочуваат со сериозни проблеми. Индустриското јаболко се откупува за само 4 денари за килограм, додека дневницата на сезонските работници од Албанија достигнува 2.500 денари.
Производителите велат дека ниските откупни цени не ги покриваат трошоците за работници, транспорт, препарати и ѓубрива. Поради тоа, дел од нив се откажуваат од бербата на индустриското јаболко и го оставаат родот во овоштарниците.
Дополнителен проблем е недостигот од работна сила. За бербата се ангажираат сезонци од Албанија, но и работници од други градови во земјава, меѓу кои и пензионери. Во некои случаи производителите обезбедуваат и храна и сместување, што дополнително ги зголемува трошоците.
Ситуацијата ја влошуваат и пролетните мразеви, поради кои приносот годинава е намален за околу 50 отсто во споредба со лани. Дел од плодовите се оштетени и ќе завршат во индустриската преработка.
Бербата трае околу 30 дена, а овоштарите стравуваат дека поради недостигот од работници и неповолните откупни цени значителен дел од родот може да остане необран и да пропадне.

