ФОН ДЕР ЛАЈЕН ВО МАКЕДОНИЈА Што ќе побара Брисел, а што може да понуди

По посетите на Приштина и Подгорица, претседателката на Европската комисија денеска пристигнува во Скопје со пораки за реформите, европската интеграција и идниот тек на пристапниот процес.

ФОН ДЕР ЛАЈЕН ВО МАКЕДОНИЈА Што ќе побара Брисел, а што може да понуди
Фото: Принтскрин

Посетата на Урсула фон дер Лајен на Западен Балкан ги покажа различните фази во кои се наоѓаат земјите од регионот. Во Приштина фокусот беше ставен на институционалната стабилност и реформите, додека во Подгорица Брисел веќе зборува за завршување на преговорите и можно членство на Црна Гора во 2028 година.

Во Скопје, очекувањето е Фон дер Лајен повторно да го нагласи значењето на реформите и исполнувањето на преземените обврски. Особено внимание се очекува да биде посветено на уставните измени и продолжувањето на европскиот пат.

За Македонија значајна може да биде и најавата за нови механизми со кои Европската Унија сака да го ограничи отворањето на дополнителни услови во текот на пристапниот процес. Прашањето за гаранции дека нема да има нови билатерални блокади останува едно од клучните очекувања од Скопје.

Фон дер Лајен би можела да ја претстави и можноста за постепено интегрирање на кандидатите во одредени политики и механизми на ЕУ и пред полноправното членство, како дел од новиот пристап кон проширувањето.

Посетата доаѓа во момент кога Брисел повторно го става проширувањето високо на својата политичка агенда, но истовремено нагласува дека напредокот на секоја земја зависи од исполнувањето на условите и спроведувањето на реформите.

Во тој контекст, средбите во Скопје треба да дадат одговор на две клучни прашања, што ќе побара Брисел од Македонија и какви конкретни чекори или гаранции може да понуди ЕУ за забрзување на европскиот процес.

CATEGORIES
Share This