СЕ Е ПОДГОТВЕНО ЗА ДРЖАВНАТА МАТУРА 15.004 матуранти пријавени за испитите

Полагањето на испитите ќе се одвива во матичните училишта на учениците, под услов да ги исполнуваат бараните стандарди за спроведување на државната матура

СЕ Е ПОДГОТВЕНО ЗА ДРЖАВНАТА МАТУРА 15.004 матуранти пријавени за испитите

Вкупно 15.004 матуранти од средните училишта во државата се пријавиле за полагање на овогодинешната државна матура, која ќе се одржи на 31 мај и 11 јуни. Според податоците од Државниот испитен центар (ДИЦ), од пријавените ученици, 8.816 доаѓаат од средни стручни училишта, 5.966 од гимназии, а 222 се ученици од уметнички училишта.

Првиот екстерен испит, задолжителен за сите кандидати, ќе се одржи на 31 мај и е по мајчин јазик и литература. Директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска-Михајловска, за МИА изјави дека подготовките течат според планираниот распоред и дека во тек се последните активности пред почетокот на испитите.

Најголем број ученици, 9.969, се пријавиле за полагање на македонски јазик, 4.339 за албански, 292 за турски, а 10 матуранти ќе полагаат српски јазик.

Вториот екстерен испит, кој е изборен, ќе се одржи на 11 јуни. И оваа година, најмногу ученици се одлучиле да полагаат англиски јазик – дури 13.457. За полагање математика се пријавиле 1.246 кандидати, 73 ќе полагаат германски, 24 француски, 62 естетика, седум филозофија, четворица руски и тројца италијански јазик.

Полагањето на испитите ќе се одвива во матичните училишта на учениците, под услов да ги исполнуваат бараните стандарди за спроведување на државната матура. Процесот ќе го следат околу 2.000 тестери, ангажирани од страна на ДИЦ.

CATEGORIES
Share This