НЕТАНЈАХУ: СПРЕЧЕН НОВ 11 СЕПТЕМВРИ Ранетиот пилот и патник го спасиле авионот
Драма на летот Дубаи–Тел Авив: нападнат пилот успеал да ја отвори кабината, а патник влегол во пилотската кабина додека авионот нагло губел височина.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека храбрите постапки на повредениот индиски пилот и на израелскиот патник спречиле можна авионска катастрофа слична на нападите од 11 септември.
Инцидентот се случил на лет на „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив. Според информациите што ги објави „Аксиос“, индискиот пилот Смит Мачар бил нападнат со нож за време на летот, но и покрај повредите успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина.
Во кабината потоа влегол израелскиот патник Јанив Хајун, по професија водоводџија, кој наводно го отстранил оманскиот пилот од контролите и го повлекол контролниот стап назад. Во тој момент авионот почнал нагло да губи височина. Други патници и членови на екипажот му помогнале на Хајун да го совладаат напаѓачот.
Контролата врз авионот потоа ја презеле резервни пилоти, кои успеале да го стабилизираат леталото и да извршат итно слетување во Табук, Саудиска Арабија.
Нетанјаху изјави дека истражителите засега не пронашле докази за вмешаност на Иран во инцидентот. Осомничениот се наоѓа во Саудиска Арабија, каде што е испрашуван, а властите на Обединетите Арапски Емирати му дозволиле на Израел да учествува во истрагата.
Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече индискиот пилот херој и ги пофали постапките на израелскиот патник.
„Не знам дали е вистина, но тоа е приказната што ја слушнав од Биби и од неколку други луѓе. Тие рекоа дека пилотот сакал да го сруши авионот“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
Тој додаде дека разговарал со Нетанјаху за инцидентот и дека осомничениот „можеби бил терорист или можеби луд“.
Според досегашните информации, напаѓачот со оманско потекло го нападнал со нож капетанот Смит Мачар на летот од Дубаи до Тел Авив. По нападот, постоело сомнение дека се обидел да ја преземе контролата врз авионот и да го урне.
Ранетиот пилот, сепак, успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина, по што патниците го совладале напаѓачот. Резервните пилоти во цивилна облека потоа ја презеле контролата и го насочиле авионот кон Табук, каде што безбедно слетал.
Трамп, говорејќи за пошироките тензии со Иран, порача дека „дошло време“ или да се постигне договор со Техеран или „можеби да се дигнат во воздух“.
АВИОНОТ НАГЛО ПРОПАДНАЛ 4.200 МЕТРИ Потоа стигнал сигналот за помош (видео)

