СОЛЗИ, МОЛК И ОТПОР Кочани маршира за загинатите од „Пулс“

„Маршот за ангелите“ заврши повторно во Паркот на Револуцијата со едноминутен молк за жртвите и громогласен аплауз во знак на благодарност за сите што покажаа солидарност и истрајност во барањето правда.

СОЛЗИ, МОЛК И ОТПОР Кочани маршира за загинатите од „Пулс“
Фото Принтскрин

Со масовно присуство, длабока тишина и транспаренти што го искажуваа гневот и болката, граѓаните на Кочани и поддржувачи од целата држава денеска го одржаа шестиот по ред „Марш за ангелите“, протест во чест на 62-те жртви од трагедијата во дискотеката „Пулс“.

Точно во 16:05 часот, илјадници луѓе тргнаа во тивка поворка од Паркот на Револуцијата, поминувајќи покрај Трговскиот центар, Општина Кочани, полициската станица, Основниот суд и Обвинителството. Молчеле, но говореле транспарентите: „Нема трагедија, има злосторство“, „Системот ги уби душите“, „Корупцијата пали побрзо од оган“, и „Затворени очи, отворени гробови“.

Протестот беше најмасовен досега – на семејствата на загинатите им се придружија граѓани од други градови и активисти од иницијативата „Кој е следен“. Настанот помина без говори и политички изјави, во знак на почит кон загинатите и како симболичен протест против молкот на институциите.

Незадоволството дополнително ескалираше откако пратениците од владејачкото мнозинство одбија да го поддржат предлог-законот за финансиска и институционална помош на повредените и семејствата на загинатите. Еден од транспарентите со иронија гласеше: „Пратеници, голема (не)благодарност за поддршката“.

Организаторите – семејствата на настраданите порачаа дека „Маршот за ангелите“ ќе продолжи сѐ додека не се обезбеди правда и не се покрене одговорност за трагедијата, за која велат дека е резултат на системски пропусти и селективна правда.

Во рамки на протестот, беше организирана и симболична „трка на келнери“ во чест на неколкуте келнери кои загинаа во пожарот во „Пулс“. Неколку локални угостители се вклучија во настанот како знак на поддршка.

„Маршот за ангелите“ заврши повторно во Паркот на Револуцијата со едноминутен молк за жртвите и громогласен аплауз во знак на благодарност за сите што покажаа солидарност и истрајност во барањето правда.

CATEGORIES
Share This