ПОЛИТИЧКИ ПИНГ-ПОНГ МЕЃУ ТАРАВАРИ И СЕЛА Во игра и замена на Таравари во власта со Зијадин Села
Политичката реконфигурација продолжува, а во наредните денови се очекуваат клучни одлуки кои ќе ја одредат понатамошната стабилност на Владата и распределбата на министерските функции.

Политичката сцена во земјава се вжештува по заминувањето на Арбен Таравари од Владата. Тројката Меџити, Ибрахими и Касами од коалицијата Вреди, го возвраќа ударот и најавува јасна стратегија за стабилизирање и зацврстување на владејачкото мнозинство.
Според неофицијални информации во игра е заменување на Таравари со Зијадин Села, кој веќе имал неофицијална средба со претставници на Вреди. Сценариото вклучува и преминување на четворица пратеници на Села во редовите на владејачкиот блок.
Првиот вицепремиер и лидер на една од главните партии во коалицијата Влен, Изет Меџити, денеска индиректно ги потврди овие наводи:
„Деновиве сме во преговори за повеќе политички опции. Разговараме не само внатре во Влен, туку и со други поединци, групи, политички субјекти вклучително и од Европскиот фронт. Кога ќе имаме резултат, јавноста ќе биде информирана“, изјави Меџити.
Тој додаде дека, и покрај тензичната атмосфера, најголемиот дел од членството на Алијансата за Албанците ќе остане во рамки на Влен.
Политичките комбинаторики продолжуваат, а во наредните денови се очекуваат клучни одлуки кои ќе ја одредат понатамошната стабилност на Владата и распределбата на министерските функции.


