ЛИДЕРОТ НА РАБОТНИЧКАТА ПАРТИЈА ЗАФИРОВСКИ Работникот мора да биде мерило на економската политика

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го изградија системот во кој работникот ја губеше вредноста, фабриките се уништуваа, а профитабилните компании исчезнуваа“, порача претседателот на МОРО – Работничка партија

ЛИДЕРОТ НА РАБОТНИЧКАТА ПАРТИЈА ЗАФИРОВСКИ Работникот мора да биде мерило на економската политика
Фото: Принтскрин

Три децении работникот е оставен на маргините, додека економскиот систем се градел без негов вистински политички глас. Ова е оценката на претседателот на МОРО – Работничка партија, Горан Зафировски, кој директно ги посочи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како политички сили кои, според него, го создавале и одржувале системот во кој најголемата цена ја платил работникот.

„Нашата основна цел се правата и стандардот на работникот. Сведоци сме дека во последните 30 години системот што го изградија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ доведе до едно пропаѓање на стандардот и вредноста на животот на работникот, кој од ’90-тата наваму е намален за 1.200 проценти“, истакна Зафировски за „Национал“.

Тој вели дека проблемот е и во тоа што во политичкиот систем немало вистински претставник кој ќе застане зад работникот, неговото работно место и домашното производство.

„Во нашиот систем немаше претставник кој ќе го заштити работникот, работното место, фабриките. Се случи страшна криминална приватизација, уништување на профитабилни фирми“, порача Зафировски.

Според него, токму ова е причината поради која се појавила Работничката партија – работникот да добие свој политички глас и во иднина ниту една власт да не може да носи одлуки за неговата егзистенција без да го праша.

„Тоа беше причината да се појавиме како Работничка партија која ќе го заштити работникот и нема да може да се владее како што се сака, без да се праша работникот“, нагласи Зафировски.

Како конкретно решение, Зафировски бара донесување закон за најмала гарантирана исплатена саатнина, која, според него, треба да стане основно мерило за вредноста на трудот.

„За да влеземе во една пазарна економија, треба да се донесе закон за најмала гарантирана исплатена саатнина. Саатнината е основно мерило на трудот на работникот во сите демократски држави. Додека не се донесе таков закон, не сме ни приближно блиску до европските држави“, вели Зафировски.

Од Работничката партија порачуваат дека работникот не смее повторно да биде само бројка во економските статистики, туку мора да биде во центарот на економската и политичката политика на државата.

CATEGORIES
Share This