ФОН ДЕР ЛАЈЕН ДОАЃА ВО СКОПЈЕ Ќе се крши ли конечно блокадата со Бугарија?
Европската комисија испраќа силна порака кон регионот – во Скопје на маса ќе бидат евроинтеграциите, уставните измени и спорот со Софија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, в петок ќе престојува во Скопје, во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан.
За време на посетата таа ќе оствари средби со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. На разговорите се очекува да бидат опфатени европската перспектива на земјава и регионот, како и текот на пристапниот процес кон Европската Унија.
Меѓу темите се очекува да биде и прашањето со Бугарија и можностите за надминување на постојниот спор.
Во пресрет на посетата, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека Македонија бара решение со Бугарија кое ќе обезбеди предвидливост и сигурност во евроинтегративниот процес.
Муцунски посочи дека постои интерес од европските институции и од одредени земји членки за интензивирање на дијалогот. Тој повтори дека позицијата на македонската страна е јасна и дека во моментов нема услови за уставни измени, имајќи го предвид, како што наведе, позиционирањето на Бугарија.
Според него, досегашните билатерални контакти со Софија не донеле напредок, поради што е потребен посилен ангажман од Европската Унија. Во тој контекст, посетата на Фон дер Лајен ја оцени како можност за поконкретен разговор и за ова прашање.
Турнејата на претседателката на Европската комисија ќе започне на 30 септември во Албанија, по што таа ќе ги посети Косово и Црна Гора.
На актуелната агенда не се Србија и Босна и Херцеговина. Од Европската комисија образложија дека причината е одржувањето избори во двете земји. Во Србија предвремените парламентарни избори се закажани за 25 октомври, додека во Босна и Херцеговина општите избори ќе се одржат на 4 октомври.
ФОН ДЕР ЛАЈЕН ДОАЃА ВО СКОПЈЕ – ЕУ со нова порака до Македонија

