ИРАН СО ДИРЕКТНА ЗАКАНА Ако ние не продаваме нафта, никој во регионот нема да продава
Калибаф порача дека ниту една инфраструктура во регионот нема да биде безбедна ако не е обезбедена безбедноста на Иран – во тек се нови разговори со посредници од САД и Катар.

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Бакер Калибаф, упати остро предупредување дека блокирањето на иранскиот извоз на нафта би можело да има пошироки последици за целиот регион.
„Во регион каде што не продаваме нафта, никој нема да продава нафта и ако нашата безбедност не е обезбедена, ниедна инфраструктура нема да биде безбедна“, рече Калибаф на отворена седница на парламентот, пренесува „Мехр“.
Калибаф ги коментираше и американските позиции во врска со Ормускиот теснец и преминувањето на бродовите низ овој стратешки воден пат. Тој порача дека САД и другите земји треба да знаат каков би бил одговорот на Иран доколку продолжат ваквите потези.
Во меѓувреме, посредниците во разговорите меѓу Иран и САД се очекува денеска или утре одделно да разговараат со претставници на Техеран и Вашингтон. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и катарски посредници се наоѓаат во САД, изјавил за „Ројтерс“ функционер запознаен со преговорите.
Според функционерот, разговорите би можеле да се фокусираат на изменета верзија на седумдневниот предлог што Иран го презентирал на маргините на Генералното собрание на ОН. Техеран сака разговорите да се фокусираат на слободниот премин низ Ормускиот теснец и американската поморска блокада, додека Вашингтон бара отстапки од Иран во врска со неговата нуклеарна програма.
Иран предложил повторно отворање на Ормускиот теснец и продолжување на нуклеарните преговори во рок од една недела доколку САД ја укинат поморската блокада, ги отстранат санкциите за продажба на иранска нафта и повторно воспостават прекин на огнот во регионот.
Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрлил предлогот.

