СОБРАНИЕТО ДОНЕЛО ПОГРЕШНА ОДЛУКА Управниот суд ја поништи собраниската одлука за избор на Елизабета Дуковска за уставна судијка
Останува нејасно дали и кога ќе биде избран нов судија кој ќе го пополни испразнетото место, што дополнително ја отвора дебатата за функционирањето и капацитетот на Уставниот суд во следниот период.

Управниот суд донесе пресуда со која ја поништува одлуката на Собранието на Република Македонија за изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска. Како што објави телевизијата „Алсат“, пресудата стапува во сила веднаш.
Дуковска беше избрана за судијка во Уставниот суд на 10 април 2023 година. Сепак, шест месеци подоцна, членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, поднесе тужба против нејзиниот избор, што доведе до судска постапка и донесување на оваа пресуда.
Именувањето на Дуковска стана особено актуелно откако таа неодамна беше судија-известител за предметот поврзан со Законот за употреба на јазиците. Одлуката на Управниот суд доаѓа само еден месец пред одржувањето на подготвителната седница на Уставниот суд за истиот предмет.
Со оглед на тоа што Уставниот суд претходно донесе заклучок дека по прашањето за употребата на јазиците треба да одлучува целиот состав на Судот, повлекувањето на Дуковска од функцијата може да доведе до одложување на донесувањето на конечната одлука за законот.
Останува нејасно дали и кога ќе биде избран нов судија кој ќе го пополни испразнетото место, што дополнително ја отвора дебатата за функционирањето и капацитетот на Уставниот суд во следниот период.


