МИЦКОСКИ НАЈАВИ НОВА ТУРА КАДРОВСКИ ПРОМЕНИ За две недели ќе се знае кој останува, а кој заминува

Премиерот вели дека веќе има претстава за кадровските решенија, но прво треба да бидат усогласени со коалициските партнери.

МИЦКОСКИ НАЈАВИ НОВА ТУРА КАДРОВСКИ ПРОМЕНИ За две недели ќе се знае кој останува, а кој заминува
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во наредните една до две недели ќе бидат познати кадровските решенија за позициите на заменици-министри, а промените може да опфатат и директори во вториот и третиот ешалон на власта.

Мицкоски рече дека веќе има јасна претстава за тоа „што, каде и како“, но конечните решенија треба да бидат потврдени во рамки на коалицијата.

„Јас отприлика имам што, каде и како, така што ќе треба коалициски да седнеме и да го потврдиме тоа и ќе се случи во текот на следните недела-две“, изјави Мицкоски.

Тој ова го одговоир на новинарски прашања по промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ за третата фаза од ревитализацијата на хидроелектраните.

Најавените кадровски промени следуваат по јулската реконструкција на Владата, кога беа направени промени на повеќе министерски позиции и беа избрани осум нови министри.

Засега не е соопштено кои заменици-министри и директори би биле сменети, ниту кои кандидати се разгледуваат за нивни наследници. Повеќе детали се очекуваат по коалициските консултации.

Во однос на забелешките на опозицијата за Изборниот законик, Мицкоски рече дека најпрво очекува парламентарната опозиција да излезе со усогласен став.

„Тука мислам, пред сè, на парламентарната опозиција – СДСМ, Левица и Демократската унија за интеграција. Нека излезат со став, па тогаш би можеле да коментираме. Вака не можеме да коментираме“, рече премиерот.

Тој додаде дека очекува опозициските партии да настапат со заеднички став за прашањето, по што Владата би можела да го даде својот коментар.

CATEGORIES
Share This