АХМЕТИ ОД АРАЧИНОВО Албанците се 30 отсто, нѐ држеа угнетени, но, ја завршивме работата со Националната ослободителна армија
На крајот од обраќањето, тој упати повик за мир, соработка и визија за заедничка иднина во Европската Унија.

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, синоќа на собир во Арачиново испрати остри критики кон новата влада, обвинувајќи ја за обид за измена на клучни државни договори и загрозување на стабилноста. Тој јавно го праша премиерот Христијан Мицкоски зошто, како што рече, се менува Законот за употреба на јазиците и Охридскиот рамковен договор.
Ахмети нагласи дека Албанците имаат легитимно право да учествуваат во водењето на државата, нагласувајќи дека тие се над 30 отсто од населението и живеат на своите огништа со векови.
„Ние не ја носиме државата со себе – ние сме нераскинлив дел од неа. Албанците имаат право да ја водат оваа држава!“, изјави Ахмети, одбивајќи ги, како што рече, лажните стравови дека Албанците ја преземаат власта.
Тој предупреди и на обиди за поделба меѓу Албанците и промоција на концептот за „чесни Албанци“, што го оцени како опасна идеологија со историски корени.
„Знаете ли кој зборуваше за ‘чесни Албанци’? Милошевиќ! Секој што ја оживува таа логика, ја воскреснува идејата што Албанците одамна ја поразија“, порача лидерот на ДУИ.
Нѐ држеа угнетени, исплашени и протерани – но тоа заврши со Националната ослободителна армија. Ахмети додаде дека Албанците нема да дозволат да бидат потчинети во сопствената земја, истакнувајќи го напредокот на албанската заедница во образованието и професионалната еманципација.
„Имаме три универзитети, илјадници стручни кадри, и никој не може да ја запре оваа реалност. Државата повеќе не може да се води еднострано. Соживотот мора да остане недопирлив“, рече Ахмети.
На крајот од обраќањето, тој упати повик за мир, соработка и визија за заедничка иднина во Европската Унија.
„Не ни требаат Голема Албанија, Голема Србија или Голема Бугарија. Нѐ интересира само Голема Европа – обединета, без граници, како што направија Германија и Франција. Западен Балкан треба да биде дел од Брисел, со мир и конечно помирување“, заклучи Ахмети пред жителите на Арачиново.


