ЗА ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА – МОН бара 85 ромски образовни медијатори

До 7 октомври се отворени јавните повици, а ангажираните медијатори ќе добиваат месечен хонорар од 20.000 денари.

ЗА ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА – МОН бара 85 ромски образовни медијатори
Фото: Принтскрин

До 7 октомври се отворени јавните повици на Министерството за образование и наука за ангажирање на 85 ромски образовни медијатори за учебната 2026/2027 година.

Од нив, 50 медијатори ќе бидат ангажирани за поддршка на основното образование, а 35 за средното образование, со цел подобрување на пристапот и вклученоста на учениците Роми во образовниот процес.

Образовните медијатори ќе работат со ученици од социјално загрозени семејства и со оние кои подолго време се надвор од образовниот систем. Нивна задача ќе биде да ги информираат семејствата за можностите за образование, да помагаат при пристапот до училиштата и да придонесуваат кон намалување на напуштањето на наставата.

Тие ќе одржуваат средби со населението и училишниот кадар, ќе соработуваат со наставниците и стручните служби и ќе преземаат активности за подобрување на постигањата на учениците.

Медијатори во 28 општини за основното образование

МОН предвидува ангажирање на 50 медијатори во Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Велес/Градско, Кавадарци, Крива Паланка, Охрид, Неготино, Илинден и Радовиш.

Во средните училишта ќе бидат ангажирани 35 медијатори во Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Охрид, Струга, Велес, Неготино и Кавадарци.

Кој може да аплицира?

Кандидатите треба да бидат невработени или вработени со скратено работно време, да бидат државјани на Република Северна Македонија и да се припадници на ромската етничка заедница.

За ангажманот е предвиден месечен хонорар од 20.000 денари, за најмногу два месеца во текот на 2026 година и осум месеци во текот на 2027 година.

Во јавните повици се наведени условите и критериумите за кандидатите, потребната документација, задачите и обврските на медијаторите, како и начинот на аплицирање.

CATEGORIES
Share This