ЕВРОПА ПОВТОРНО СЕ ТРЕСЕ ОД ЦЕНАТА НА ГАСОТ ЕУ повикува на штедење
Цената над 70 евра за мегават-час, министрите за енергетика итно на разговори во Ирска.

Министрите за енергетика на земјите членки на Европската Унија на 29 септември ќе се состанат во Ирска на неформални разговори, во услови на раст на цените на природниот гас и предупредувања за можен пораст на трошоците за енергија.
Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен во писмо до министрите повика на разгледување мерки за намалување на потрошувачката на гас и електрична енергија, како и за дополнително зголемување на резервите во складиштата.
Според „Еурактив“, европските складишта за гас во моментов се исполнети околу 70 отсто, додека цената на природниот гас на холандскиот референтен пазар ТТФ веќе неколку недели е над 70 евра за мегават-час. Тоа е ниво што не е забележано од енергетската криза во 2022 година.
Јоргенсен предупреди дека Европа се соочува со ценовен притисок поврзан со состојбата на снабдувањето. Тој посочи дека, покрај затегнатата состојба на глобалниот пазар на течен природен гас, исклучително топлото и сушно лето дополнително ги оптоварило електроенергетските системи во повеќе земји членки.
Меѓу можните мерки се разгледуваат поттикнување на домаќинствата да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во периодите на најголема побарувачка, ограничување на греењето во јавните објекти и исклучување на непотребното јавно осветлување во текот на ноќта.
Целта е да се намали употребата на гас за производство на електрична енергија и истовремено да се зголемат резервите во европските складишта.
Сепак, Јоргенсен нагласи дека во овој момент нема непосреден ризик за безбедноста на снабдувањето со енергија.

