ГЕРМАНИЈА НА НОЗЕ 175.000 луѓе излегоа против владините кратења
Синдикатите предупредуваат: загрозени се работните места, платите, здравството и пензиите.

Над сто илјади граѓани синоќа излегоа на протести во повеќе германски градови, барајќи посилна социјална политика и изразувајќи незадоволство од најавените кратења на буџетските расходи, јави ДПА.
Германските синдикати соопштија дека на протестите, организирани во 15 поголеми градови, учествувале околу 175.000 луѓе. Демонстрантите маршираа под слоганот „Тешко заработено! Твојата работа, твоето здравје, твојата пензија“.
Претседателката на Германската конфедерација на синдикати (DGB), Јасмин Фахими, на протестот во Есен ги критикуваше плановите на владата на канцеларот Фридрих Мерц за реформи во работните односи и пензискиот систем.
Таа предупреди дека намалувањето на социјалната поддршка може да има негативни последици за работниците, додека синдикатите оценија дека под прашање се доведуваат сигурноста на работните места, условите за работа и работничките права.
Според полициските податоци, најголем број демонстранти имало во Нирнберг, каде што се собрале меѓу 20.000 и 25.000 луѓе. Во Штутгарт протестирале околу 16.000, во Франкфурт на Мајна 15.000, во Хановер 13.000, а во Есен околу 12.000.
Во Фрајбург биле регистрирани околу 4.500 демонстранти, додека во Берлин протестирале околу 5.500 луѓе.
Илјадници граѓани се собрале и во Хамбург, Кил, Росток, Магдебург, Лајпциг, Ерфурт и Сарбрикен.
Протестите се одржуваат во период на зголемена загриженост за стабилноста на работните места во повеќе индустриски сектори во Германија, особено во автомобилската индустрија.

