ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ИНВЕСТИРА 6 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО МАКЕДОНИЈА Еве каде ќе се вложуваат парите
Договорот бил финализиран вчера во Тирана и претставува ново поглавје во односите меѓу двете земји.

Македонија и Обединетото Кралство постигнаа согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство, соопштија денеска премиерот Христијан Мицкоски и британскиот амбасадор Метју Лосон на заедничка прес-конференција во Владата. Договорот бил финализиран вчера во Тирана и претставува ново поглавје во односите меѓу двете земји.
„Овој договор е голем и неповратен чекор напред. Тој претставува архитектура за иднината и се темели на заедничките вредности – слобода, демократија и владеење на правото“, изјави Мицкоски.
Со договорот се отвора пат за нов инвестициски циклус вреден 5 милијарди фунти (приближно 6 милијарди евра), од кои значителен дел ќе биде насочен кон крупни инфраструктурни и социјални проекти. Меѓу најавените проекти се:
-
изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија,
-
завршување на новата клиничка болница во Штип со медицински факултет и студентски дом,
-
изградба на нова болница во Кичево,
-
целосна реконструкција на клиничката болница во Тетово.
Договорите за реализација на овие проекти се очекува да бидат потпишани во наредните денови.
Премиерот нагласи дека партнерството вклучува и проширена соработка во безбедноста, борбата против организираниот криминал, образованието, здравството, културата, младинските политики и економскиот развој.
„Со овој документ, двете влади испраќаат силна порака дека интересите на граѓаните се на прво место“, додаде Мицкоски.
Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, одговори и на шпекулациите во медиумите дека Македонија ќе прифаќа мигранти како дел од договорот, нарекувајќи ги таквите тврдења неточни.
„Соработката во доменот на миграциите се однесува на координација на полициските сили, борба против криминални банди и размена на разузнавачки информации. Не станува збор за прифаќање мигранти“, појасни Лосон.
Тој додаде дека прашањето за визната либерализација е деликатна тема, но нагласи дека визите претставуваат проблем и за бизнисите во двете земји, изразувајќи подготвеност да се отвори дијалог и за ова прашање.


