СРЕДБА НА МИЦКОСКИ И СТАРМЕР Македонија и Обединетото Кралство со ново стратешко партнерство

Средбата во Тирана беше оценета како значаен чекор напред во градењето на посилно и поинтегрирано партнерство меѓу двете држави, засновано на заемна доверба, заеднички вредности и стратешки интереси

СРЕДБА НА МИЦКОСКИ И СТАРМЕР Македонија и Обединетото Кралство со ново стратешко партнерство

На маргините на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, и премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, одржаа билатерална средба на која беше потврдена нова ера на стратешка соработка меѓу двете земји.

На средбата, која се одвиваше во дух на заемно разбирање и пријателство, лидерите го поздравија формирањето на ново стратешко партнерство чија цел е продлабочување на односите во повеќе клучни области. Според заедничката изјава, приоритети ќе бидат економскиот раст, трговијата, одбраната и безбедноста.

„Ова партнерство е доказ за нашата посветеност да работиме заедно во справувањето со заедничките предизвици“, изјавија двајцата премиери, оценувајќи дека соработката меѓу Скопје и Лондон добива нова, подинамична димензија.

Во рамки на разговорите, беше истакната и важноста на неодамнешното приклучување на Македонија кон Заедничката миграциска работна група – регионална иницијатива насочена кон борба против нерегуларната миграција и криминалните мрежи кои ја поттикнуваат.

Гледајќи кон претстојниот Самит за Западен Балкан во октомври, двајцата лидери ја истакнаа важноста од продлабочување на односите меѓу Обединетото Кралство и земјите од регионот. Тие изразија подготвеност за интензивирање на дијалогот и конкретизирање на соработката во периодот што следува.

Средбата во Тирана беше оценета како значаен чекор напред во градењето на посилно и поинтегрирано партнерство меѓу двете држави, засновано на заемна доверба, заеднички вредности и стратешки интереси.

CATEGORIES
TAGS
Share This