ГЕРМАНИЈА ОТВОРА НОВА ЕРА Државата ќе им штеди за пензија на децата уште од шест години

Од шестата година секое дете би добивало државна уплата на инвестициска сметка, а до 65 години сумата би можела да достигне околу 53.000 евра.

ГЕРМАНИЈА ОТВОРА НОВА ЕРА Државата ќе им штеди за пензија на децата уште од шест години
Фото: Принтскрин

Германија планира државата да издвојува по 10 евра месечно за секое дете од шестата до 18-годишна возраст, со цел уште од детството да се создава почетен капитал за идната пензија.

Мерката, позната како „пензија за ран почеток“ (Frühstartrente), ја претстави германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл во Бундестагот. Предвидено е средствата да се уплаќаат наменски на инвестициски сметки и да се вложуваат на пазарот на капитал.

Според проценките на германската влада, благодарение на ефектот на сложената камата, само со државните уплати до 65-годишна возраст на сметката би можеле да се акумулираат околу 53.000 евра.

Доколку родителите или бабите и дедовците дополнително уплаќаат по 20 евра месечно, вкупната сума би можела да достигне околу 160.000 евра до пензионирањето.

Мерката ќе важи и ретроактивно

Планирано е системот да започне ретроактивно од 1 јануари 2026 година за децата родени во 2020 година и подоцна. Од 2027 година, секоја нова генерација би се приклучувала во системот кога ќе наполни шест години.

По навршувањето на 18 години, младите би можеле самостојно да продолжат со уплатите на инвестициската сметка. Средствата акумулирани преку државните уплати и поттикнувања би биле достапни по навршувањето на 65 години.

Владата сака младите да учат за инвестирање

Паралелно со мерката, германската влада планира и стратегија за финансиско образование. Целта е младите уште од најрана возраст да се запознаваат со основите на штедењето, инвестирањето и функционирањето на пазарот на капитал.

Предлогот, сепак, предизвика поделени реакции во Бундестагот. CDU/CSU го поддржаа моделот, додека од АфД и Зелените беа упатени критики.

Од АфД оценуваат дека предвидените 10 евра месечно се недоволни и предлагаат државата да издвојува 100 евра месечно уште од раѓањето. Зелените, пак, го критикуваат предлогот поради тоа што не ги опфаќа децата родени пред 2020 година.

По првата расправа во Бундестагот, конечната парламентарна процедура се очекува наесен, а планирано е законот да стапи во сила на почетокот на следната година.

Сличен пристап најавува и Австрија, која планира од 2027 година да воведе еднократен поттик од 500 евра за секое новородено дете, без оглед на неговото државјанство.

CATEGORIES
Share This