МИЦКОСКИ ОД ЊУЈОРК Македонија е нашата татковина, вратата дома секогаш е отворена
Премиерот повика на враќање и инвестиции во татковината и порача дека Македонија мора заеднички да ја гради својата иднина.

Во Њујорк се одржа прием по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, на кој присуствуваа високата владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, дипломатски претставници, истакнати Македонци и претставници на други етнички заедници од дијаспората.
Обраќајќи им се на присутните, премиерот Мицкоски им се заблагодари за придонесот кон Македонија и порача дека дијаспората секогаш има отворена врата за враќање во татковината.
„Минатото никогаш не треба да го заборавиме. Треба да учиме поуки и да не ги повторуваме грешките од минатото. Македонија е вашата татковина. Вратата дома секогаш ви е отворена“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека една од целите на Владата е да се создадат услови што повеќе македонски граѓани од дијаспората да се вратат во земјата, да инвестираат и да ја градат иднината на своите семејства во Македонија.
„Дојдете, инвестирајте, создавајте во вашата татковина“, порача премиерот.
Во своето обраќање пред дијаспората и странските гости, Мицкоски се осврна и на економската состојба во земјата, со посебен акцент на растот на економијата.
„Во моментот можеби имаме најстабилна Влада во Европа, со отприлика двотретинско мнозинство во Парламентот. Таа стабилност гарантира реформи и испорака на економски резултати“, рече Мицкоски, посочувајќи на растот на бруто домашниот производ од 4,3 проценти.
Премиерот нагласи дека стабилноста на земјата добива дополнително значење во услови на сериозни геополитички и економски предизвици во Европа и пошироко, вклучително и војната во Украина, кризите на Блискиот Исток и енергетските предизвици.
„Македонија е сè што имаме и затоа вреди да се бориме за нејзино подобро утре. Ја очекувам вашата поддршка заеднички да ја исцртаме иднината за нашата татковина и за граѓаните кои живеат таму“, порача Мицкоски.
Приемот во Њујорк се одржа во рамки на активностите поврзани со 35-годишнината од независноста на Македонија, во период кога владината делегација предводена од Мицкоски учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.

