СЕ ПОВЕЌЕ МЛАДИ СО ПСИХОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ Но сè уште се срамат да одат на психијатар
Дополнително, посочи на потребата од ревидирање на Позитивната листа на лекови, која сè уште вклучува медикаменти што повеќе не се користат во европските здравствени системи.

И покрај порастот на менталните нарушувања, особено кај младата популација, посетата на психолог и психијатар во Македонија сè уште е табу тема. Според д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа – семејна медицина (ЗЛОМ-СМ), потребно е подигнување на свеста за значењето на менталното здравје и нормализирање на потребата од стручна психолошка и психијатриска поддршка.
Во рамки на 6. Конгрес и 26. Симпозиум на ЗЛОМ-СМ што се одржува во Скопје, д-р Ѓорѓиевски посочи дека кај многу млади лица сè уште постои страв и срам при спомнување на психијатриски преглед, иако токму тие сè почесто се соочуваат со симптоми на анксиозност, депресија и емоционална нестабилност.
„Кога разговарате со помлада индивидуа и поставувате прашања поврзани со емоционалната состојба, често следи отпор. Уште поголема е недовербата кога ќе се спомене потребата од психијатар. Честата реакција е ‘Па, јас не сум луд’, што покажува колку е сè уште присутна стигмата,“ изјави Ѓорѓиевски.
Според него, многу познати личности – политичари, уметници, јавни фигури имаат свои психијатри, и тоа е целосно нормален дел од грижата за менталното здравје.
„Во одредени животни ситуации, психијатар или психолог се потребни исто како што е потребен секој друг лекар,“ потенцира тој.
Во насока на подобрување на пристапот до ментално здравје, Фондот за здравствено осигурување започнува со нови превентивни прегледи кои вклучуваат прашалници за ментално здравје наменети за лица од 25 до 40 години. Врз основа на резултатите, ќе се утврдува потребата од понатамошна стручна психијатриска помош.
Ѓорѓиевски истакна и потребата од промени во системот на примарната здравствена заштита.
„Семејните лекари се првата линија на контакт со пациентите. Ние можеме да забележиме промени во однесувањето, расположението или изгледот на пациентот, дури и кога доаѓа за сосема поинаков проблем,“ рече тој.
Тој упати апел за поголема поддршка од институциите, медиумите и здравствените органи со цел подобра комуникација со пациентите и поефикасно спроведување на скрининг програми.
Дополнително, посочи на потребата од ревидирање на Позитивната листа на лекови, која сè уште вклучува медикаменти што повеќе не се користат во европските здравствени системи.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочуваат семејните лекари, тој посочи дека примарното здравство се соочува со сериозен дефицит на кадар, ниски примања, премногу административна работа и недоволна стимулација за младите лекари. Исто така, како проблем ја наведе и нецелосната поддршка за отворање на приватни ординации, што придонесува за дополнително оптоварување на системот.
На конгресот и симпозиумот, покрај менталното здравје, ќе се дискутира и за други здравствени теми како што се дијабетесот, хипертензијата, ревматските заболувања, како и сексуално преносливите инфекции – уште една тема што, според лекарите, останува табу кај младата популација.
