ВАЈЦ ВООДУШЕВЕН ОД МАКЕДОНИЈА Рекламирајте се, покажете ги убавините

Европратеникот порача дека климатските промени веќе носат суши, пожари и екстремни горештини, но Македонија има и огромен природен потенцијал.

ВАЈЦ ВООДУШЕВЕН ОД МАКЕДОНИЈА Рекламирајте се, покажете ги убавините
Фото: Принтскрин

Европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, предупреди дека климатските промени веќе имаат сериозни последици и дека општествата мора да се приспособат на новата реалност.

На Втората сесија на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, Вајц посочи дека годинава Европа се соочила со топлотни бранови, суши и пожари во подрачја каде што тоа порано не било вообичаено.

„Го надминавме прагот од 1,5 степени што беше поставен со Парискиот договор. Сега треба да се бориме за секоја десетинка степен и да се приспособиме на новата реалност“, рече Вајц.

Тој нагласи дека во ЕУ речиси 35.000 луѓе починале како последица на жештините, а екстремните температури влијаеле и врз инфраструктурата, земјоделството и сообраќајот.

Вајц се осврна и на природниот туризам, оценувајќи дека Македонија има голем неискористен потенцијал.

„Северна Македонија е една од најубавите земји што сум ги посетил. Рекламирајте се, покажете му на светот какви убавини имате“, порача тој, посочувајќи ги Пелистер, Галичица, Маврово и Шара.

Пратеничката Драгана Арсова истакна дека Македонија напредува во усогласувањето на законодавството со европските стандарди во областа на животната средина, климатската политика и заштитата на природата.

Таа посочи дека во 2025 година биле спроведени 1.772 инспекциски надзори, при што биле утврдени 530 неправилности. Националната мониторинг-мрежа за квалитет на воздухот, пак, во јули годинава била проширена со нова мерна станица во Штип, со што бројот достигна 23.

Арсова најави и продолжување на реформите во управувањето со отпадот, заштитата на природата и подготовките за „Натура 2000“. Идентификувани се 24 потенцијални подрачја, кои опфаќаат околу 12 проценти од територијата на државата.

Владата го усвои и предлог-законот за климатска акција, со кој се поставува основа за следење и намалување на емисиите и за постепено постигнување климатска неутралност.

CATEGORIES
Share This