ШЕСТМИНА ОБВИНЕТИ За уривањето на заштитената куќа на Владо Малески во Струга
Инвеститор, градежници, архитекти и поранешниот градоначалник пред обвинение – според ОЈО, со непочитување на мерките за заштита бил поткопан ѕидот, по што се урнала куќата прогласена за значајно културно наследство.

Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен акт против шест лица поради сомнение за сторено кривично дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости“ од член 264 од Кривичниот законик.
Според обвинението, првообвинетиот, управител на градежна компанија од Велешта, како инвеститор и изведувач на работите за уривање на стар објект, бил обврзан од Управата за заштита на културното наследство да изработи идеен проект со строго утврден начин на уривање. Причината била тоа што објектот се наоѓал непосредно до старата струшка куќа на Владо Малески, која е заштитено културно наследство и со која делел заеднички ѕид и кровна конструкција.
Наместо предвидениот идеен проект, обвинетиот изготвил само основен проект, без прецизирани мерки за безбедно уривање. По отстранувањето на стариот објект започнал изградба на нова зграда со подрум, приземје и кат. При ископот за подрумските простории со багер бил поткопан заедничкиот ѕид меѓу двата објекти, што довело до дестабилизација и уривање на заштитената куќа.
Обвинението опфаќа и градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга, кои се товарат дека изготвиле и одобриле документација за градба без да биде приложен потребниот идеен проект за уривање на постојниот објект.
Меѓу обвинетите е и тогашниот градоначалник на Општина Струга, кој, според Обвинителството, издал одобрение за градба со кое, спротивно на решението на Управата за заштита на културното наследство, било дозволено покрај приземје и кат да се изгради и подрум.
За помагање е обвинета и архитектка-конзерватор од Заводот за заштита на културното наследство и музеј Охрид, која дала позитивно мислење за проектот и ја заверила техничката документација, иако таа предвидувала изградба на подрумски простории спротивно на насоките на Управата.
Со дејствијата на обвинетите, на 15 октомври 2025 година, на улицата „Браќа Миладиновци“ во Струга била оштетена старата струшка куќа на Владо Малески, која е прогласена за значајно културно наследство.

