СОФИЈА МУ ОДГОВОРИ НА СКОПЈЕ ЕУ не е за посредување, обврските мора да се исполнат

Бугарија ја отфрла идејата за посебно вклучување на Унијата во разговорите со Македонија и повторува дека добрососедските односи се услов за напредок кон ЕУ.

СОФИЈА МУ ОДГОВОРИ НА СКОПЈЕ ЕУ не е за посредување, обврските мора да се исполнат
Фото: Национал

Бугарија повторно порача дека процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија треба да се одвива во рамките на европските институции и според воспоставените правила и процедури.

Ова е ставот на бугарското Министерство за надворешни работи, по изјавата на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски дека за Скопје е важно ЕУ да биде вклучена во сите идни разговори со Софија.

Муцунски оцени дека присуството на Европската Унија, било преку нејзините институции или преку одделни земји членки, може да придонесе кон градење доверба меѓу двете земји. Според него, довербата во моментов не е на посакуваното ниво.

Од Софија, пак, посочуваат дека Бугарија ја поддржува работата на Европската комисија со сите држави кои преговараат за членство, додека постигнатите резултати се оценуваат во рамките на Европскиот совет.

Бугарското МНР нагласува дека добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и услов за напредок кон членство во Унијата. Односите меѓу соседите, според Софија, се и основа за градење меѓусебна доверба.

„Бугарија секогаш била и останува отворена за конструктивен дијалог со Република Северна Македонија“, се наведува во позицијата.

Во исто време, Софија укажува дека повеќе земји кандидати бележат значителен напредок во исполнувањето на преземените обврски, и покрај сложената безбедносна состојба во Европа.

„Очекуваме Република Северна Македонија исто така да ги исполни преземените обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи напред по својот европски пат“, наведуваат од бугарското Министерство за надворешни работи.

https://nacionalno.mk/petrova-udri-po-skop-e-nema-politichka-vol-a-samo-gubite-vreme-na-patot-kon-eu/

CATEGORIES
Share This