БЕРНАМ ЈА РУШИ ЗАБРАНАТА СТАРА 40 ГОДИНИ Пиво на фудбалските трибини
Британскиот премиер најави дека забраната би можела да биде укината или прво тестирана.

Британскиот премиер Енди Бернам, познат како голем љубител на фудбалот и навивач на Евертон, најави дека би можело да се преиспита повеќе од четири децении старата забрана за консумирање алкохол на трибините за време на фудбалски натпревари.
Забраната е воведена во 1985 година, во период кога англискиот фудбал беше сериозно погоден од насилство и хулиганство. Со Законот за контрола на алкохолот на спортските настани, консумирањето алкохол беше забрането на места од кои директно се гледа теренот, односно на трибините и терасите. Регулативата се однесува на Англија и Велс.
Четириесет години подоцна, Здружението на фудбалски навивачи (FSA) смета дека правилата се застарени и треба да се преиспитаат. Ист став сега јавно зазеде и Бернам.
„Не мислам дека е праведно фудбалските навивачи да бидат издвоени на тој начин. Мислам дека законодавството потекнува од период кога фудбалот беше многу поинаков и навистина верувам дека постои аргумент за отстранување на таа дискриминација“, изјави Бернам за време на престојот во Њујорк.
Британскиот премиер смета дека евентуалната промена би можела најпрво да се тестира преку пробен период, наместо веднаш целосно да се укине забраната.
„Постојат различни начини на кои тоа би можело да се направи, можеби и на пробна основа. Но, нема да отстапам од ставот што го застапувам долго време. Не гледам како е праведно навивачите на еден спорт да се третираат поинаку“, додаде тој.
Темата веќе предизвика реакции. Здружението на фудбалски навивачи ја поздрави можноста за промена, додека претставници од полицијата предупредија дека евентуалното менување на правилата треба внимателно да се разгледа од аспект на безбедноста и јавниот ред.
Инаку, забраната не е целосна за сите спортови. На навивачите на други спортови, како рагби и крикет, им е дозволено да консумираат алкохол на трибините под услови утврдени со правилата за конкретните натпревари, што Бернам го користи како аргумент дека фудбалските навивачи се третираат поинаку.
Во женскиот фудбал, пак, веќе беше спроведен пробен модел со кој на навивачите им беше дозволено да консумираат алкохол на трибините. Тоа дополнително го засили аргументот дека правилата за машкиот фудбал треба повторно да се разгледаат.

