ЛЕГАСИ ЕНТЕРТЕЈНМЕНТ ГРУП Видеото беше хумористична промоција, нема никаква врска со трагедијата во Кочани

Со целосна почит стоиме со луѓето од Кочани и искрено сочувствуваме со семејствата и сите граѓани погодени од трагедијата.

ЛЕГАСИ ЕНТЕРТЕЈНМЕНТ ГРУП Видеото беше хумористична промоција, нема никаква врска со трагедијата во Кочани
Фото: Принтскрин

Во врска со реакциите и толкувањата на нашето видео, чувствуваме обврска јавно да го појасниме неговиот вистински контекст.

Видеото беше направено исклучиво како хумористична промоција за нашиот настапо во Скопје и низ повеќе градови низ Македонија каде се спомнуваат 3 комичари кои прават стенд ап настани во предстојниот период. Бојан е спомнат исклучиво за неговиот настап на скопскиот фестивал овој викенд. Бидејќи сме од Скопје, шегата беше дека можеме едноставно да отидеме и да го гледаме. Тоа е целата содржина и единствениот контекст на видеото.

Во ниту еден момент не се споменуваат Кочани, настапот во Кочани, тамошната публика или трагедијата што го погоди градот. Затоа категорично го отфрламе секој обид на видеото да му се припишат значења и конотации што не постојат.

Стендап-комедијата подразбира шега и на своја и на туѓа сметка, а ние секогаш сме отворени да прифатиме шега за нас. Само така комедијата ја добива својата вистинска форма. Но, таа не треба да се користи за извртување на фактите, лични напади или создавање непостоечки поделби.

Со целосна почит стоиме со луѓето од Кочани и искрено сочувствуваме со семејствата и сите граѓани погодени од трагедијата. Никогаш не би ја користеле нивната болка за шега, промоција, собирање поени или во каков било друг контекст.

Нашата работа е посветена на развојот на македонската стендап-сцена, македонската култура и содржини кои ги ќе ја насмеат македонската јавност. Веруваме дека и хуморот и јавната комуникација мора да се темелат на одговорност, факти и меѓусебна почит.

Со почит,

Легаси Ентертејнмент Груп

CATEGORIES
Share This