НОВИ ДЕТАЛИ НА СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА И ПАНЧЕ Снимки од хотел „Романтик“ во корист на Палевски
На денешното рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорѓиовска и Панче Жежовски, првообвинетиот Љупчо Палевски достави дополнителни докази во обид да ја поткрепи својата одбрана.

На денешното рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорѓиовска и Панче Жежовски, првообвинетиот Љупчо Палевски достави дополнителни докази во обид да ја поткрепи својата одбрана.
Во однос на првиот доказ обвинеиот Палчо истакна дека на критичниот ден воопшто не бил во Велес, повикувајќи се на видео-снимки како доказ за своето отсуство.
Палевски во својата изјава се повика на сведочењето на началникот Стојан Кујунџиески, кој, според него, ги прегледал и одзел снимките од надзорните камери на хотел „Романтик“, лоциран кај стариот пат близу Велес. Според Палевски, на снимките јасно се гледаат две возила – „Рено Кангу“ со две лица и „Цитроен“ со едно лице, кои се движеле кон Скопје на 22 ноември 2023 година во 10:15 часот.
Тој посочи дека овој доказ не бил вклучен во официјалната листа на докази поднесена од Основното јавно обвинителство Скопје, иако, како што рече, биле доставени девет други докази. Според него, исказите на сведоците Манев и Кешишев потврдуваат дека во задниот дел на „Кангутo“ немало никој, што, како што рече, укажува дека во киднапирањето на Жежовски учествувале три, а не четири лица како што првично се тврдеше.
Палевски дополнително изјави дека нема ниту еден доказ кој покажува дека „Кангутo“ пристигнало во Велес по регионалниот пат до пладне на истиот ден. Со тоа, според него, не е утврдено ниту присуството на возилото во градот, ниту точниот број на лица кои се наоѓале во него.
Во однос на вториот клучен доказ – чаурата пронајдена кај рудникот во Велес, каде беше закопано телото на Жежовски, судот информираше дека истата не може да биде вештачена. Обвинителството објасни дека од пиштолот на осомничениот Боре Видевски не било направено пробно испукување, поради што не може да се изврши компаративна анализа. Форензичката анализа потврдила дека чаурата е од муниција калибар 9 мм, со потекло од 2002 година, но не е најдено совпаѓање во националната база на податоци.
Палевски приговараше дека не станува збор за вештачење, туку за известување, и побара судот да нареди официјално вештачење на чаурата. Тој изјави дека поседува документи кои докажуваат дека Обвинителството било запознаено со оружјето 18 часа по наоѓањето на телото, но тие документи наводно не се дел од истражните списи.
Судот, сепак, ги прифати сите предложени докази на Обвинителството, меѓу кои и известувањето од ЈКП „Дервен“ – Велес, според кое Видевски не бил на работа на критичните датуми (22 и 27 ноември 2023), како и податоци од телефонски повици и полициска евиденција за оружјето во негова сопственост. Адвокатот на Видевски приговараше на доказот, известување на ЈКП Дервен дали Видевски бил двата критични дена на работа, да биде изваден и рече дека ќе предложи свој доказ. Другите обвинети не приговараа за овие докази на обвинителството и судот ги прифати.


