ЛУЃЕТО МОРА ДА ГО ИМААТ ГЛАВНИОТ ЗБОР 20 земји алармираат за опасностите од ВИ

20 земји бараат строг човечки надзор над најнапредните модели на ВИ и предлагаат глобално тело за контрола на ризиците

ЛУЃЕТО МОРА ДА ГО ИМААТ ГЛАВНИОТ ЗБОР 20 земји алармираат за опасностите од ВИ
Фото: Принтскрин

Вештачката интелигенција мора да остане под човечки надзор и да се развива и користи во согласност со меѓународното право, се наведува во декларацијата што ја усвоија 20 земји, повикувајќи на поголема меѓународна соработка во управувањето со ризиците што ги носат напредните технологии.

Во документот се предлага и разгледување на можноста за формирање глобално тело кое би поставувало стандарди, вршело проверки и би помогнало во надзорот над развојот на најнапредните системи на вештачка интелигенција.

Во декларацијата се истакнува дека ВИ има „потенцијал да ги подобри животите, да ја унапреди науката и да ја зајакне економијата“. Сепак, се предупредува дека брзиот развој на најнапредните модели носи сериозни ризици за безбедноста доколку со нив не се управува соодветно.

Декларацијата беше усвоена во понеделникот, на маргините на Генералното собрание на ОН. Меѓу земјите што ја поддржаа се Норвешка, Финска, Германија, Холандија, Шпанија, Данска, Ирска, Канада, Австралија, Јужноафриканската Република, Сингапур и Турција. Меѓу потписниците е и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Меѓутоа, декларацијата не ја потпишаа САД и Кина, водечките сили во развојот на вештачката интелигенција. Без потпис останаа и Велика Британија, Франција, Италија, Индија и Јапонија.

Претседателот на Финска, Александар Стуб, кој е меѓу иницијаторите на документот, изрази надеж дека декларацијата ќе добие поширока поддршка.

„Мислам дека е во интерес и на Кина и на САД да имаме некаков вид сигурносен механизам. Нашата порака е дека ни е потребна човечка интервенција, односно луѓето да го имаат главниот збор“, изјави Стуб за „Политико“.

Бараат задолжително тестирање пред пуштање во употреба

За да се намалат ризиците поврзани со најнапредните технологии на ВИ, потписниците ги повикуваат компаниите да воспостават транспарентни безбедносни протоколи, вклучително и задолжително тестирање пред пуштање на системите во употреба и независна проценка.

Од владите и регионалните организации се бара да развиваат и координираат заеднички стандарди, да ја зголемат транспарентноста и да воспостават механизми за заедничко известување за сериозни безбедносни инциденти.

Во декларацијата се бара и обезбедување пристап до научни и стручни капацитети, како и до доверливи проценки за сите земји.

На маса и глобална институција за ВИ

„Државите членки на ОН треба да ги надградат постојните меѓународни механизми и да разгледаат основање меѓународна институција која би поставила стандарди, би овозможила верификација и би ги повикала државите на одговорност кога ќе се пречекорат праговите на критичните способности“, се наведува во декларацијата.

Стуб за „Политико“ изјави дека потписниците се залагаат за формирање нова институција, слична на Меѓународната агенција за атомска енергија, во рамките на ОН.

Сепак, според него, прашањето за институционалната форма треба да остане отворено, за иницијативата да не биде отфрлена само поради тоа што би била поврзана со Обединетите нации.

Биолошко оружје, сајбер-напади и „роботи-убијци“

Стуб ги наведе биолошкото оружје создадено со помош на ВИ, сајбер-нападите извршени од автономни ВИ агенти и роботите што користат вештачка интелигенција за смртоносни напади како три главни причини зошто недостигот од ефикасен надзор претставува ризик.

Сепак, тој нагласи дека придобивките од вештачката интелигенција би можеле да бидат значително поголеми доколку технологијата се користи на соодветен начин.

Меѓу потенцијалните придобивки ги наведе искоренувањето на болести, зголемувањето на продуктивноста, подобриот пристап до информации и низа други можности што ги отвора развојот на оваа технологија.

CATEGORIES
Share This